Додека голем број на наши популарни музичари одбиваат јавно да го откријат својот став околу „Францускиот предлог”, или пак кратко одговараат дека не ни знаат каков протест ќе се одржи вечерва во Скопје, бидејќи немале време да следат вести, фолк пејачите Благоја Грујовски и Ирена Спасовска за „Фокус” потврдија дека без двоумење ќе излезат на протестот пред Владата.
-Ова е можеби ,,после свадба тапани”, ама сепак е добро што почнува масовен отпор против ова што и се прави на Македонија триесет години, посебно последниве неколку години. Одамна стравував дека ќе дојдеме до ова, борба за гол опстанок на еден народ. Сега е веќе нож до коска – вели Грујовски.
И Спасовска, која е член во Управниот одбор на Здружение на естрадни уметници на Македонија, ЗЕУМ, потврдува дека ќе биде помеѓу народот, а како што појаснува, ќе најде време и да оди на веќе договорен настап потоа.
-Секако дека го поддржувам протестот и не се согласувам со „Францускиот предлог”. Никакви промени по однос на нашиот јазик и идентитет не се дозволиви само за да се влезе во ЕУ. Народот е револтиран што малку по малку нема да остане ништо од нашата мила Македонија, доколку се прифати овој бесмислен предлог. Категорично велам – Не, порача таа, додавајќи дека потоа ќе замине на пат бидејќи ја очекува настап.
Вики Клинчарова