Новинарката Бисера Јордановска, која е сопруга на поранешниот генерален секретар Мухамед Зекири, објави фотографија со роденденската торта со 43 свеќички, а потоа и фотографија на која напиша дека ова било пеколна година за неа, но таа е тука. На фотографијата е истакната розовата панделка, како симбол за подигнување на свеста за ракот на дојка.
Околу тоа дека Бисера, која е поранешна директорка на Алсат-М, се соочува со здравствени проблеми, јавно проговори нејзиниот сопруг Мухамед, кога во ноември во завршните зборови во кривичната постапка против него кажа дека минува низ тежок период.
-На мојата сопруга, како што е документирано во судот, и е дијагностицирана тешка болест. Нејзиното лекување трае веќе 9 месеци, се уште не е завршено и не знаеме колку ќе трае и како ќе заврши. 593 дена откако бев стигматизиран во јавноста, не сум имал можност да заработам приходи за да се грижам и да им помагам на 4 деца, 3 мои и едно од претходниот брак на сопругата.
Во овој период сите материјални обврски паѓаат на товар на родителите на сопругата, кои од странство дојдоа во Скопје за да се грижат за нас-с о солзи раскажуваше Зекири, кој беше осуден на две ипол години затвор поради „злоупотреба на службената положба и овластување“,како и да ја надомести штетата предизвикана на буџетот во вредност од 1,1 милион евра.
Бисера и Мухамед се венчаа кон крајот на 2019 година и потоа ја добија ќерката Далија. Од претходниот брак таа има син, а пак тој две ќерки.
Набргу по свадбата која се одржа во хотел во Скопје и на која присуствуваа голем број на политичари, во заедничко интервју за ,,Фокус” раскажаа дека на патот на нивната љубов наишле на многу пречки, но сепак на крај успеале да им докажат на луѓето дека тоа што некому можеби му се чинело невозможно, за нив двајцата било возможно.
-Љубовта не знае за пречки, а најубав доказ за тоа сме ние. Но, луѓето знаат! Нашата зрелост, успешност или карактер немаат врска со она што може да ти се попречи на патот. Некогаш блиските, убедени во своите најдобри намери, се немоќни да сфатат дека тоа што за нив е исправно, не мора да биде за друг, макар било тоа син или ќерка, брат или сестра, татко итн… па, создаваат ситуации кои мора да се менаџираат во интерес на доброто на сите.
Некогаш објективни околности, како на пример, општата ситуација во земјава и должностите конкретно на Мухамед беа приоритетни во однос на некои наши планови, па сме ги одложувале. Ние двајцата сме многу свесни луѓе и секогаш мошне толерантни и трпеливи за сè што се случува околу нас бидејќи си знаеме дека нашата приказна не е за ден или два, па оставивме доволно време да покажеме дека она што на луѓето им се чини невозможно, може да е невозможно за нив, но не е и за нас!-раскажуваа во интервјуото од пред три години.
Тогаш кажаа дека имаат една реченица која често си ја кажуваат – „Јас и ти сме во сè различни, само љубовта ни е иста!“
Вики Клинчарова