Во светло на овие докази, и затечени со катастрофалната состојба која ја очекува македонската економија во наредниот период, првиот чекор кон обновување на економијата треба да биде враќање на децата од основните училишта во училишните клупи. Дополнително, Владата треба да ја разгледа можноста за продолжување на редовната школска година за најмалку еден месец, и истата да заврши кон средината или крајот на јули 2020.
Пишува Владимир Лазаревик
Полека, но сигурно заминува Ковид19 пандемијата. Не е јасно дали заминува неповратно, или ќе ни се приближи повторно со почетокот на есента. Ранетиот живот постепено започнува да се враќа во „новата нормала“. Иако постојат се уште многу нејаснотии поврзани со самата пандемија, како и со последиците кои истата ги направи врз целиот свет, едно со сигурност е јасно, новата нормала ќе биде различна од тоа што го знаевме за нормално досега. Најеминентните светски економски журнали, како и искуствата од Кина каде најпрво започна пандемијата укажуваат дека дури и целосното „привремено“ искоренување на короната од државите не успева да ја врати економијата на нивото пред пандемијата. Најновиот број на лондонски Економист, истакнува дека по целосно реставрирање на економиите максималниот капацитет кои ќе можат да го постигнат ќе биде до околу 90% од нивните можности. Тоа неминовно ќе се одрази врз намалување на квалитетот на животот во сите држави.
Но, она што станува се повеќе јасно, и што можеме со сигурност да го потврдиме е дека од оваа пандемија најпоштедени се малите деца. Досегашните искуства укажуваат на тоа дека стапката на заболеност кај децата е дури 2.000 пати помала отколку кај возрасните над 60 години. Дополнително, нема доказ дека дури и оние деца кои би заболеле од ковид можат да бидат тивки пренесувачи на болеста во нивните семејства. Искуствата од Холандија и Исланд укажуваат на тоа дека нема ниту еден случај каде дете ја има донесено болеста во сопственото семејство. За да овој доказ биде уште посилен, Европскиот Центар Контрола и Превенција на Болестите укажа дека преносот на болеста од дете кон возрасен е невообичаен.
Во светло на овие докази, и затечени со катастрофалната состојба која ја очекува македонската економија во наредниот период, првиот чекор кон обновување на економијата треба да биде враќање на децата од основните училишта во училишните клупи. Дополнително, Владата треба да ја разгледа можноста за продолжување на редовната школска година за најмалку еден месец, и истата да заврши кон средината или крајот на јули 2020. Ако пандемијата се повтори, тогаш шансите да се затворат училиштата на есен ќе бидат многу големи. Отварањето на училиштата треба да оди во фази и да се следат светските примери. Каде што може да се прошири просторот помеѓу клупите, да се воведе сменско работење со пола капацитет, и да се ограничи групирањето на деца за време на училишните одмори. Некои држави ги разгледуваат и можностите да се одржува настава и надвор со цел да се задржи безбедна дистанца помеѓу учениците и наставниците. Тоа може да биде изводливо во некои рурални средини низ Македонија.
Додека онјалн наставата во еден период можеби наликуваше на возбудлив и интересен обид, истата е неспоредлива со директната интеракција на наставник со дете. Исто така, онлајн наставата ги продлабочува нееднаквости низ општествените групи од причини што не сите деца имаат еднаков пристап до интернет, ниту пак сите родители се со можност постојано да им помагаат на децата.
Враќањето на децата во училиштата не само што ќе им помогне на децата, ќе им помогне и на родителите постепено и безбедно да се вратат на работа. Сегашната состојба каде децата со месеци веќе се дома им оневозможува на многу семејства да функционираат нормално. Тоа несомнено негативно се одразува како врз родителите, така и врз развојот на децата. Додека отварањето на основните училишта треба да биде чекор број еден, следниот чекор треба да биде отворањето на средните училишта каде учат поголемите деца. На децата им е местото во училишна клупа, и затоа отворете ги училиштата.