Д-р Маргарита МАТЛИЕВСКА
Д-р Крсте ШАЈНОСКИ
Д-р Александар КОСТАДИНОВСКИ
Почитувани раководни структури, ако навистина и искрено колегијално постапувате, треба само да се заложите да постапите по укажувањата на Државниот просветен инспекторат и да му се нареди на деканот Фотов веднаш (до 1 август) да свика итна седница на Наставно-научниот совет на која при нашиот избор ќе се земат предвид рецензентските извештаи, позитивната оценка од самоевалуацијата и позитивната оценка од студентите. Она што е најважно: со ваквиот чекор ќе се постапи согласно укажувањето на Државниот просветен инспекторат – изборот да заврши законски и во законскиот рок.
Секако, членовите на Наставно-научниот совет на Економски факултет ќе треба да постапат во согласност со Законот за високото образование во кој се вели дека изборот се врши врз основа на оценката изнесена во рецензентските извештаи.
Ваквото решение го нудиме откако деновиве добиваме укажувања од вас, дека членовите на академската заедница би требало недоразбирањата и настанатите проблеми да ги решаваме внатре во самата академска заедница. И ние долго време го имавме и негувавме ова убедување, поради што подолго време (скоро една година) се обраќавме до раководните лица на универзитетот (почесто на наша иницијатива, а поретко на нивна) за да ги запознаеме со проблемите што ние ги имаме на Економскиот факултет при универзитетот.
Драго ни е што вие како наши колеги денес велите дека го имате ова убедување, но мораме да констатираме дека го изразувате со големо задоцнување.
На нашите укажувања, аргументирања, убедувања и молби до раководните лица не добивме никаков повратен одговор па стекнавме впечаток дека се воспоставува релација меѓу „глувонеми“ членови на академската заедница. Со тоа, тие ја испуштија можноста за решавање на недоразбирањата и настанатите проблеми внатре во академската заедница. После нивното нереагирање, постапи Државен просветен инспекторат (ДПИ) којшто кај деканот и кај тогашните „лански” рецензенти кај колешката Маргарита Матлиевска, констатираше работење спротивно на закон! Тоа и беше причината заради која ДПИ му нареди на универзитетот да го поништи тој конкурс и да распише нов конкурс во кој ќе се почитува законитоста и статутарноста.
Ваквото нешто не беше никаде јавно обзнаено (преку медиуми), ниту пак колешката Матлиевска покрена тужба, и покрај цврстиот законски основ за такво постапување. Значи, сѐ од наша страна беше направено „недоразбирањата” и „настанатите проблеми” да не излезат надвор од академската заедница. Затоа што сметавме дека треба да се зачува интегритетот и авторитетот на институцијата во која сме вработени. Не сакавме „валканите алишта” извалкани од нашите колеги да излезат надвор. Секако, тоа не го сторивме и затоа што верувавме дека тоа нема да се повтори. Но, еве, како што гледате, се повторува.
Вие, како раководни лица, ни велите дека сме требале да ги искористиме правните механизми кои за тоа постојат: приговори до Наставно – научниот совет и жалби до Универзитетскиот сенат. Ви благодариме за дадениот совет. Но, почитувани колеги, доколку искрено сакавте да ни помогнете да ги искористиме посочените механизми, требеше да се потрудите да ги добиеме одлуките поврзани со нашиот избор/неизбор во наставници во сите звања во наставно-научните области менаџмент, финансии и сметководство. Избор започнат на 80-тата седница на ННС (одржана на 30 јуни 2014), па прекината и продолжена на 07 јули 2014. Само со Одлуките ќе можевме да го испочитуваме и да постапиме по вашиот „добронамерен и колегијален совет“.
Да ви кажаме уште нешто почитувани колеги: точките за нашиот избор беа ставени на дневен ред на седницата на ННС која се одржа уште на 29 мај 2014! Со образложение да „почекаме додека да се конституира Владата”, деканот проф. д-р Фотов ги симна точките од дневен ред! Нѐ интересира, можеби вие знаете, на кој член и на кој закон се темели ваквото образложение на деканот Фотов? Така, нашите точки се најдоа на дневен ред на 80-тата седница на ННС на 30-ти јуни, седница на која се „егзекутираше” колегата Крсте Шајновски.
Веднаш после „егзекуцијата“ деканот ја прекина седницата со образложение дека „на тоа има право”! Замислете! За тоа веднаш разговаравме и го информиравме ректорот. Почитувани колеги, дали го знаете епилогот од реакцијата на ректорот на целата ситуација: седницата продолжи на 07-ми јули 2014, пет дена пред започнувањето на годишниот одмор, на која беа „егзекутирани“ и колегите Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски. Почитувани колеги од раководните структури, сѐ уште не сме добиле ниту записник од одржаната седница, ниту пак одлуки.
Државниот просветен инспекторат постапи и во овој случај: донесе записник, решение и образложение. Во сите овие документи, никаде не стои дека на ректорот му се укажува да ги укине рецензентските извештаи објавени во број 124 од Универзитетскиот билтен (мај 2014)! Никаде не стои да ги реобјави и да определува рок од 15 плус 7 дена за приговори! Нашите рецензии веќе го поминаа тој рок, без никакви добиени приговори! Имајќи предвид дека согласно закон, конкурсот трае шест месеци, што во нашиот случај е до 2-ри август, после тој датум (со примена на овие повторни 15 плус 7 дена на вонредниот Универзитетски билтен бр 128 од 22 јули 2014) рокот ќе биде пробиен и по закон ќе треба да се распише нов конкурс, што вие, почитувани колеги како раководни лица, го знаете или мора да го знаете.
Во случајот на колешката доц. д-р Маргарита Матлиевска, тоа ќе биде дури трет конкурс! Почитувани колеги, нели мислите дека тоа е премногу? И тоа не по наша вина!!! Туку, по констатирани неправилности од страна на ДПИ! Притоа, не заборавајте дека ние ги исполнуваме сите законски услови и критериуми за да бидеме избрани во повисокото звање вонреден професор! И, што е уште позачудувачки, за сето тоа никој не сносел никаква одговорност или последица! Затоа, почитувани колеги на раководни функции, сметаме дека е дегутантно и задоцнето да ни давате предлози со кои дефинитивно ќе се пробие споменатиот 6-месечен законски рок.
Почитувани колеги, велите дека сме имале на располагање и друг механизам: Етичка комисија. Очигледно е дека штом ја споменувате Етичката комисија, сте препознале дека некој постапува неетички. Ако е така, ве молиме да ни одговорите зошто вие не постапите согласно член 21 од Етичкиот кодекс на УГД во кој се вели:
“Морална обврска на членовите на академската заедница е да укажуваат на неетичкото однесување на своите колеги, односно кршењето на одредбите од овој кодекс”.
Почитувани колеги, дали е етичко однесувањето на тројцата професори, нашите колеги од Економски факултет, да потпишат предлози да бидеме избрани во вонредни професори, а на седницата на Наставно-научниот совет да гласаат против сопствените предлози, против сопствените потписи!? Колеги на раководни позиции, знаете ли колку еминентни доктори психијатри се понудија за третман на ваквите феномени? Вие сте членови на академската заедница исто колку и ние, ако не и повеќе, со оглед и на вашата функција и како редовни професори, бидејќи, како што велите, мнозинството членови на ННС на Eкономскиот факултет не нѐ сака, па има право да нѐ „егзекутира“, ве прашуваме каков е кредибилитетот на одлучување кај овие тројца професори кои го формираат тоа мнозинство?
Штрајкот со глад не е категорија „резервирана” само за некои! Ние не протежираме елитизам. И токму затоа што сме професори, индивидуалци со висок морален и интелектуален капацитет, носители на сериозна општествена функција, штрајкуваме со глад. Спротивно на некои, ние веруваме дека штрајкот со глад е начин да се предизвика чувство на вина кај оној кој ги прекршува правата на вработените, во случајов нашето право на унапредување, а по оневозможување на користењето на правните инструменти на кои вие укажувате.
Почитувани колеги на раководни позиции, ние, за разлика од многумина, преку нашето барање универзитетот да ја почитува законитоста, застанавме во одбрана на неговиот интегритет, углед и авторитетот. Застанавме и во одбрана на мисијата на високообразовните установи студентите да ги изградиме во личности со сопствен интегритет, углед и авторитет преку почитување на законите и моралните етички вредности. И повеќе, застанавме во одбрана на целата академска заедница, за ова да не се повтори!