Отворено писмо од АПИС до Владата на Република С. Македонија

by Fokus

Од Асоцијација на приредувачи на игри на среќа – АПИС чии членки се Групацијата Новоматик – Македонија (Адмирал, Астра и Казино „Фламинго“), Апекс Македонија, компании кои организираат игри на среќа во казина и автомат клубови, а речиси 100 дена се под клуч, принудени сме да Ви се обратиме на ваков начин, со апел конечно да покажете дека имате слух и за проблемите со кои ние се соочуваме. Целиот изминат период имавме разбирање за потешкотиите со кои државните институции се соочуваат при справувањето со светската пандемија на ковид – 19. Затоа, како општествено одговорни компании се ставивме во служба на јавниот интерес. Казиното „Фламинго“ Хотел Гевгелија го отстапивме за карантин, само во изминатите 20 дена во јавните здравствени установи донираме болнички кревети и медицински материјали во вкупен износ од 200 илјади евра. За време на оваа криза ги задржавме сите вработени без исклучок, иако оваа дејност не работи и воопшто нема никакви приходи уште од 15 март. Имавме трпение што не бевме дел од првото олабавување на рестриктивните мерки, иако бевме неоправдано изоставени од дејностите кои беа отворени уште на 12 мај. Тогаш им се дозволи да работат на затворените трговски центри каде има огромна фреквенција на посетители во затворен простор, потоа обложувалници со шалтерски систем, но беше дозволено посетителите да седат по две лица на иста маса исто така во затворен простор, јавен превоз кој дневно го користат многу граѓани, кој во еден период беше дури и бесплатен. Нешто подоцна беше дозволено да отворат рестораните и кафетериите во отворените делови, но каде има повеќе вработени во затворен дел (кујни и шанкови). На конфекциските фабрики во источниот дел на Македонија кои во една хала имаа по неколку стотини вработени, ниту беше забрането да се работи, освен во одредени денови кога се појавуваа голем број на заразени од конкретни места и имаше целосно ограничување на движењето.

Како за споредба, во автомат клубовите работат по две лица во смена, додека посетителите се целосно заштитени со прегради и немаат никаков контакт со другите посетители за време на нивната посета, што ги става во најниска ризична група споредбено си дејностите кои веќе се отворени и ги набројавме претходно.

Уште на крајот на прил претставници на АПИС во министерството за финансии ги презентираа нашите безбедносни протоколи, кои се изготвени согласно највисоките стандарди на ЕУ. Сепак, вчерашната одлука на владата да ги отвори и хотелите на 22 јуни со повторно изземање на нашата дејност и од оваа фаза на олабавување на мерките, не става во позиција да почнеме да се сомневаме дека сме неоправдано обесправени и жртви на предизборни калкулации и партиски пресметки. Нашите компании работат исклучиво согласно позитивните законски прописи на Република С. Македонија и веќе подолго време ги имаме имплементирано сите протоколи за работа, кои се воведени во многу држави во регионот и Европа.

Најодговорно тврдиме дека протоколите кои ги презентиравме на работна средба пред Комисијата за заразни болести предвидуваат поефикасна заштита од протоколите под кои ќе работат хотелските капацитети од 22 јуни. Тврдиме дека со ваков игнорантски однос, извршната власт си прави долгорочна штета со сериозни буџетски импликации, кој доколку продолжи, допрва ќе ги почувствуваме последиците сите заедно. Со нефункционирањето на оваа дејност, се загрозуваат 4000 директни работни места и големи приходи во Буџетот на годишно ниво по различни основи.

Едноставно, ставени сме пред свршен чин и затоа апелираме да ја преиспитате својата одлука, да ги разгледате и усвоите протоколите со кои ќе се овозможи и ние да обавуваме дејност без никакво одлагање, со целосно почитување на превентивните мерки за заштита од Ковид-19.

Со почит,

Асоцијација на приредувачи игри на среќа АПИС

Поврзани новости