Отворено писмо до Мухамед Зеќири: Една деценија од нашите животи помина во шиканирање, навреди и закани, тупаници и шамари

by Fokus

Слободата на изразување и мислење е еден од принципите во кои силно верувам и заради тоа го користам сопственото право да ги коментирам јавно искажаните ставови на пратеникот Зекири. Јавните ставови на Зекири се и ќе бидат читани како ставови на пратеник и потпретседател на политичка партија се додека тој е на тие позиции. Господинот Зекири рече дека за хомосексуалноста говори како теолог. Во ред. Јас, за сексуалноста и сексуалните ориентации говорам како докторант на родови студии, чија магистерска и докторска дисертација се бави со маргинализираните заедници, вклучително и ЛГБТИ заедницата.

Почитуван пратенику Зекири,

Вашиот личен став за едно сериозно и комплкексно прашање би требало да биде аргументиран. Вие сте пратеник и од вас очекуваме да мислите и говорите политички, аргументирано и сериозно. Во вашата изјава за Фокус велите на двапати дека сте против хомосексуалноста. Што значи ова? Вие сте против нечија идентитетска карактеристика? Доколку јас кажам- Јас сум против албанците- како ќе ме читате? Да се биде против една категорија на луѓе, а истовремено да се биде пратеник е возможно, но истовремено е некоректно. Огромен број ЛГБТ луѓе гласаа за СДСМ не затоа што сте многу убави, туку затоа што веруваа дека ќе донесете промени, оптимизам и демократија. Тие гласаа и за вас. Вие ги претставува и нив во законодавниот дом.

Владеењето на ВМРО значеше 11 години посветено и упорно градење за култура на омраза, дискриминација и насилство врз луѓе чиј единствен „грев“ е тоа што имаат различна сексуална ориентација од хетеросексуалците. Ова е нотирано и во програмата на владата и во сите извештаи на националните и меѓународните организации, вклучитечлно и извештаите на ЕУ за напредокот. Една деценија од нашите животи помина во шиканирање, навреди и закани, тупаници и шамари. Една деценија луѓето во Македонија беа слободни да излезат и претепаат хомосексуалец бидејќи полицијата и обвинителството ги штитеше. Ги штитеше не затоа што тие биле големи босови, туку затоа што доминантен став беше дека „педери може да се тепаат“. Ова никогаш не го изговори ниеден пратеник од вмровштината, ама омразата завиткана во политичка обланда создаде плодно тло за сите видови на насилство. Нас никогаш диретно не не’ тепаше ниту политичар од ВМРО ниту Миленко и нему сличните, туку нивната публика и поддржувачите. Вашите ставови сега повторно се храна за истите.

На 17 Мај голем дел од ЛГБТ заедницата излезе на протестот пред Владата давајќи поддршка на широкиот опозициски фронт. Влеговме со оптимизам и верба дека Македонија може да биде земја на сите. Останавме на кампот на слободата. Ден и ноќ. Заедно со другите. ЛГБТ заедницата беше секој ден на протестите на Шарената Револуција. Повторно, со иста верба и надеж. Оваа заедница даде поддршка и на изборите. Гласавме за нова влада заради верба дека промени се можни и дека вмровската омраза ќе ја оставиме засекогаш зад нас.

Ние ќе останеме доследни на нашите принципи и вредности. За нас политиката подразбира сериозна посветеност и искреност. Реториките со кои се послуживте се огромно разочарување и го разнишуваат оптимизмот за заедничко градење општество за сите. Сепак, ние немаме намера да отсапиме од оваа наша идеја.

За крај, ќе дозволите: Пратенику Маноиловски, вие сте вистинско изненадување! Срцето ми го наполнивте.

Ирена Цветковиќ

Поврзани новости