Отворени Струшките вечери на поезијата

by Fokus

„Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.

Ехото на Миладиновци е присутно и денес, рече министерката.

– И од година во година е сè погласно. Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување – додаде министерката за култура.

Таа на поетите им порача да не се откажуваат од нивниот драгоцен отпор.

– Вашите стихови нека бидат бедемотпорни. Стиховите сведочат и ќе сведочат за човечкото, за чувствотворното. Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот. Македонскиот современ литературен јазик има збор и за сè што е неизречено, што пристиска и пече… Го има и изразот „вештачка интелигенција“ која, можеби, ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина, таа што сè ќе рече – додаде Костадиновска Стојчевска.

Музичарот Џијан Емин ја изведе нумерата „King Of Sopiste“, додека девојките од балетското студио „БАХ“ го запалија традиционалниот оган.

Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќмина автори од земјава и од странство.

Во следните фестивалски дена на „Струшките вечери на поезијата“ ќе можат да се чујат околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.

Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.

Поврзани новости