Отворени советнички листи на локалните избори следната година, најави министерот Маричиќ

by fokus

На локалните избори во октомври следната година, верувам дека е можно да постигнеме согласност за отворени советнички листи и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа е чекор напред кон определбата за отворени кандидатиски листи и за една изборна единица, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.

Во однос на Изборниот законик и можноста за отворени листи и една изборна единица, Маричиќ потсети, дека иако тоа се носи со апсолутно мнозинство, добрата пракса укажува дека тој закон се носи со консензус.

– Знаете дека и од сегашното мнозинство и од СДСМ особено, имаше определба за воспоставување една изборна единици. Сепак ќе зависи дали тоа ќе се случи од волјата на останатите, бидејќи тоа е системска промена за која што треба да има консензус за да може да биде спроведена. Доколку сите партии или партиите со најмногу пратеници во собранието се согласат околу оваа реформа, секако дека ќе ја вградиме, изјави Маричиќ.

Доколку не се успее во тоа, Маричиќ изрази уверување дека е можно постигнување согласност на наредните локални избори во октомври да се овозможи еден степен повеќе на демократизација.

– Тоа е советничките листи да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон определбата што ја имавме пред овие парламентарни избори за сосема отворени кандидатиски листи и за една изборна единица, изјави Маричиќ.

Поврзани новости