Во Париз вечерва се отворени Параолимписките игри на кои до 8 септември ќе учествуваат 4.400 спортисти од 184 делегации.
Меѓу учесниците е и македонската спортистка Оливера Наковска – Бикова која се натпреварува во стрелање.
Во свечената церемонија на отворањето на Параолимписките игри имаше тројца претставници на македонската делегација, но ја немаше натпреварувачката Наковска – Бикова која, како што велат од нејзиниот тим, во договор со тренерот и делегацијата, одлучила да не ризикува евентуален замор или повреда на рака, па останала во Шатеру каде денот го искористила за тренинг.
Церемонијата на отворење на Параолимписките игри започна на плоштадот „Конкорд“ и авенијата „Шанзелизе“.
Церемонијата на отворање на Параолимписките игри за првпат се одржува надвор од стадион во францускатата престолнина.
Спортисти од 184 делегации треба да учествуваат во 22-те параолимписки спортови, кои ќе се натпреваруваат за вкупно 549 златни медали во Париз.
Француските спортисти, меѓу кои Сирена Самба-Мајела и Рјад Салем, го запалија факелот во присуство на околу 500 луѓе.
Претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет Ендрју Парсонс верува дека Париз ќе ги спроведе „најспектакуларните параолимписки игри досега“.