Отворена сезонска авиолинија Осло-Скопје

by Фокус

На скопскиот аеродром денеска пристигна првиот авион на норвешката авиокомпанија „Норвиџн“ (Norwegian), со што официјално се отвори сезонската авиолинија Осло-Скопје.

Авиолинијата ќе биде сезонска, а летот со „боинг 737“ ќе се одвива секој понеделник и петок.

Со авионот што денеска слета од Осло во Скопје управуваше пилотката Мериен Виксе Лиен, која кажа дека со нетрпение го очекува пречекот на нови патници на летовите од норвешката до македонската метропола.

Патниците од Осло на Меѓународниот аеродром „Скопје“ ги пречекаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт.

Бочварски посочи дека, покрај новата линија од Осло, овој месец се воспоставени и неколку нови линии од охридскиот аеродром, со што, рече тој, расте туризмот во земјата, а со тоа и домашната економија.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, пак, истакна дека авиолинијата Осло-Скопје ќе почне да оперира како сезонска, со надеж дека ќе прерасне во редовна авиолинија.

Поврзани новости