Претседателот на Албанија Бајрам Бегај денеска официјално ја прогласи за отворена воздушната база на НАТО во Кучово.
Според неговите зборови, оваа база „ќе и служи на Северноатлантската алијанса за оперативни и тактички цели“, пишува Albanian post.
Претседателот Бегај оцени дека отворањето на воздухопловната база во Кучово е „голема привилегија за Албанија и една од најголемите инвестиции на НАТО“ во таа земја.
„Базата на НАТО го симболизира мостот што ги поврзува минатото и сегашноста. Таа е и симбол на безбедноста, а Албанија не е случајно избрана. Тоа е неопходна и добредојдена инвестиција бидејќи руската агресија врз Украина и ситуацијата на Блискиот Исток претставуваат предизвици“, рече Бегај и нагласи дека отворањето на НАТО базата во Кучово е доказ за довербата на сојузниците, кои во Албанија гледаат „достоен и посветен партнер“.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази голема благодарност до сите фактори кои помогнаа да се отвори оваа база, од НАТО до локалното население, за кое, како што рече, отсега ќе има повеќе работни места.
Албанија претходно вети дека ќе инвестира во оваа база со цел да ја модернизира и да може да служи како база на албанското воздухопловство.
Покрај воената намена, оваа база ќе им пружи помош на соседните земји во борбата против природни катастрофи или други несреќи, затоа, според албанските власти, базата во Кучово е важна не само за Албанија, туку и за целиот регион.
Реконструкцијата на базата Кучово започна во јануари 2022 година, а оттогаш се работи на оградување и обезбедување, како и на заштита на околината каде што се наоѓа овој воен објект.
Реконструкцијата на воздухопловната база Кучова е дел од билатералните договори што ги постигнаа албанскиот премиер Еди Рама и американскиот државен секретар Ентони Бликен.
Американскиот државен секретар потврди дека оваа база ќе има помош од сите земји партнери во НАТО за да се опреми со најнова технологија.