Кривичен го прифати предлогот на обвинителството и им определи 30-дневен притвор на две лица осомничени дека се вмешани во киднапирањето на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски. Двајцата скопјани пред три дена беа уапсени, а обвинителството денеска и официјално и отвори истрага за овој случај. Според процедурите истрага се отвора кога има осомничени за делото.
„Тие на 3 март заедно учествувале во дејствија на грабнување на едно лице во Кисела Вода. Осомничените, на возраст од 30 и 25 години, претходно по предлог на Обвинителството, а со решение на Судот беа задржани во краткотраен притвор во траење од два пати по 48 часа со цел обезбедување докази“, информираат од обвинителството.
Притворот за нив се бараше поради сомнеж дека може да избегаат, да уништуваат докази или да влијаат врз сведоци. Се уште не се знае каде е Самоил Костадиновски и дали има други лица вмешани во неговото грабнување. Од семејството побараа помош за неговот пронаоѓање. Таткото на Самоил се сомнева дека го киднапирале нарко зависници кои сакале од него да одземат пари.