Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица, главниот осомничен е Љупчо Палевски – Палчо кој денеска беше уапсен во Турција, тројцата се неговите помагачи кои се веќе во притвор во Шутка, додека петтиот осомничен е таткото на девојчето. Палевски се товавари за грабнување и убиство, другите тројца за грабнување и соизвршителство, а таткото за помагање при грабнување.
Ова вечерва го соопшти Јавното обвинителство, но и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Според обвинителството, Палчо и неговите помагачи, се договориле и го грабнале велешанецот, Панче Жежовски од домот во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малата Вања.
-Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените, соопшти Обвинителството.
На 27 ноември истите четворива, помогнати од таткото на девојчето, го грабнале девојчето.
-Со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен, соопшти Обвинителстовото.
За четворицата, тројцата соизвршители на двете грабнувања и таткото кои беа во 48-часовен притвор, Обвинителството бара продолжување. Палчо пак денеска беше уапсен во Турција и се очекува негова екстрадиција.