Отворена истрага против македонски државјанин кој извршил убиство во Ханиоти, Грција

by fokus

Од Обвинителството информираат дека е отворена истрага против македонски државјанин за убиство кое го извршил во Ханиоти, Грција.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело кое во македонскиот Кривичен законик е предвидено како – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со став 1 и член 22, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3.

Осомничениот 33-годишник, на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица. По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди.

Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – Намерно убиство со соучесништво и Обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција. Со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапија кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, велат од Обвинителството.

Поврзани новости