Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Универзитетската клиника за хематологија по повод пуштање во употреба на новоотворениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија.
Овој центар е сместен на целосно нов кат на површина од 800 м2, донација на Амбасадата на САД, кои преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржаа изградбата со еден милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и Владата.
„Со оваа значајна инвестиција го означуваме почетокот на работа на ова ново одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување какви што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување хематолошки болести во поширокиот регион.
Со новиот оддел ги прошируваме капацитетите за оваа намена. Годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега установата немаше просторен капацитет да ги прифати.
Продолжуваме да ги менуваме на подобро состојбите во јавното здравство“, изјави Меџити.