Отворен реконструираниот Бит-пазар

by Fokus

Најголемиот и најсовремен зелен пазар во државата – Битпазар со инвестиција од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје го доби својот нов модерен лик на 8.800 квадрати метри со 630 тезги, 175 локали и нов паркинг простор за 220 возила.

На отворањето на оваа значајна инвестиција на Скопски пазар АД Скопје присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев.

-Дозволете да му честитам на инвеститорот АД Скопски пазар, а воедно и да се заблагодарам за нивната инвестиција на Бит-пазар, како најголем и најфреквентен зелен пазар во Скопје. Оваа инвестиција е од огромно значење за нашиот град, бидејќи претставува огромен чекор напред во уредувањето на овој простор кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за граѓаните кои секојдневно ги користат нивните услуги. Градот Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговци на Република Северна Македонија и Еснафот на Старата скопска чаршија, подолго време се обидуваме да воспоставиме ред на јавните површини, а пред се тротоарите и велосипедските патеки. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување на нова урбана опрема, жардиниери, заштитни столпчиња, како и обнова на зеленилото на булеварот Крсте Мисирков, кој го реконструиравме од „Мавровка“ до Бит-пазар. Тоа го правевме за да развиеме партнерски однос со сите засегнати страни, трговците, муштериите, но и учесниците во сообраќајот, пред се, тука мислам на пешачкиот и на велосипедскиот сообраќај. Ваквиот партнерски однос успеавме да го воспоставиме уште тогаш, а оваа инвестиција е само едно големо поместување напред во насока на подобрување на просторните услови во овој дел од градот – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој изрази уверување дека просторните услови на новиот објект на Бит-пазар ќе овозможат непречено одвивање на трговската дејност на сите заинтересирани субјекти кои и досега го користеа овој пазар.

-Скопје е град за сите и искрено се радувам на секоја инвестиција која овозможува подобрување на условите во кои секојдневно функционираат нашите граѓани, независно на кој дел од градот му припаѓаат и независно во која општина живеат – нагласи Шилегов.

Поврзани новости