Отворен првиот Центар за ран детски развој во Двориште, Берово

by fokus

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и директорката на ЈОУДГ „23 август“, Невенка Таковска, денеска го означија официјалното отворање на првиот Центар за ран детски развој во населеното место Двориште.

Министерката Тренчевска истакна дека предучилишното воспитание и образование има клучно значење за правилниот детски раст и развој и затоа секое дете треба да биде вклучено во предучилишниот процес.

-Навистина ми причинува задоволство што и децата од населеното место Двориште од денеска официјално добиваат Центар за ран детски развој, каде што ќе се стекнуваат со нови знаења и вештини и истовремено низ игра, песна и други заеднички активности ќе се дружат, истакна Тренчевска.

Моменталниот интерес за престој во Центарот е 12 деца од предучилишна возраст, со можност во иднина оваа бројка да се зголеми до максимум 24 деца на дневна основа, земајќи предвид дека се работи за престој од 3 часа и можноста за организирање во две групи.

Градоначалникот на Општина Берово, Пекевски истакна дека центарот многу често бил поставуван како приоритет на жителите на н.с. Двориште и изрази задоволство од неговото ставање во функција.

-Двориште има постојан позитивен природен прираст на населението и навистина заслужува да има градинка, каде што децата пред поаѓање на училиште ќе можат да бидат згрижени, истакна Пекевски.

Поврзани новости