Отворен е преминот Рафа, првите камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа

by Fokus

Првите камиони со храна, вода и лекови за цивили го преминаа граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа, две недели по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.

Се уште не е јасно до кога ќе биде отворен преминот – Израел претходно дозволи 20 камиони да влезат во Газа.

Синоќа Хамас ги ослободи првите заложници што ги зеде за време на ненадејниот напад врз Израел.

Израелските одбранбени сили соопштија дека меѓу 203-те лица приведени во Газа, 20 се деца на возраст под 18 години, исто толку се на возраст над 60 години и дека повеќето од уапсените се живи.

Поминаа две недели откако екстремистичката група Хамас започна напад врз Израел, при што беа убиени 1.400 луѓе.

Тоа доведе до најголемата ескалација на деценискиот конфликт, а оттогаш во Газа се убиени повеќе од 4.000 луѓе, според палестински извори.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави отворањето на граничниот премин од Египет кон Газа за камиони со хуманитарна помош за палестинската енклава и изјави дека тоа ќе биде „важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе“.

„Го поздравувам отворањето на граничниот премин Рафа кон Газа за хуманитарна помош. Ова е важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе. Им благодарам на сите што го овозможија тоа“ – напиша Фон дер Лајен на платформата Икс.

Поврзани новости