Со дефиле на 50 делегации, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје вчера започна Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025.
Седумдневниот спортски настан вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини и тоа – атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо.
Натпреварите ќе се одржуваат во спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.
Се очекува учество на над 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости.
Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.
На отворањето на ЕМОФ претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го истакна значењето на спортот како симбол на единство, култура и надеж.
„Спортот ја манифестира убавата страна на сегашноста и ја гарантира светлата иднина на европскиот спорт. Продолжете да го развивате олимпискиот дух, да ширите добра волја и пријателство, да праќате пораки за мир“, порача претседателката.
Сиљановска-Давкова нагласи дека фестивалот е ретка можност за младите спортисти и гостите да се запознаат со македонската култура и изрази уверување дека државата ќе се покаже како хуман и достоен домаќин.