Премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на денешната заедничка прес-конференција по завршувањето на Регионалниот економски форум во Скопје порачаа дека целта на иницијативата „Отворен Балкан“ е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија.
„Отворен Балкан“, нагласија Заев, Рама и Вучиќ, значи ново поглавје во регионалната соработка. Иницијативата не е ограничена само на трите земји, Северна Македонија, Србија и Албанија. Напротив, секоја друга држава од опкружувањето е добредојдена и може да се вклучи ако сака.
-Нашата цел е една економија, без граници – 100 отсто слободна трговија, нула царини, нула пречки за движење на граѓаните, нула бариери за стоките, услугите и сервисите, нашите земји да ја имаат европската слобода во нашиот регион, истакнаа лидерите и додадоа дека политичките прашања многу полесно се решаваат кога се обединети економиите и деловните заедници.
Според премиерот Заев, на никој не ќе може да му падне на памет да воведува нови царини, да создава некакви нови пречки или бариери.
-Ова ќе биде една економија, 100 отсто слободна трговија за стоките, услугите и сервисите, без пречки за движење на луѓето и капиталот. Тоа што ќе може да го прави жител на Северна Македонија тука, ќе може да го прави и во Драч или во Ниш. Ваков регион ќе отвори огромни перспективи во глобалната борба и конкуренцијата, истакна Заев.
Тој нагласи дека претставниците на повеќе од 350 компании, учесници на Форумот, се капиталот на оваа иницијатива. Нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијатавата Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот.
Заев се осврна и на двата меморандума за разбирање, како и на меѓудржавниот Договор кои беа потпишани на Форумот и со кои треба да се интензивира соработката во регионот.
-И тука не запираме. Синоќа се договоривме, на почетокот на ноември ќе се сретнеме на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ќе ги задолжиме ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи. И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретен економски бенефит – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре, рече Заев.