АРХИВА Отворањето Устав без опозиција ја покажа ароганцијата на власта

by fokus

Текстот е објавен на 11 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 979

Професорката по уставно право и политички систем Рената Тренеска – Дескоска беше еден од адутите на СДСМ за скопскиот регион на последните парламентарни избори во Македонија. Победата не се случи, а во меѓувреме се случи иницијативата за менување на Уставот, неуспешните преговори со власта и тензијата на меѓуетнички план.

Дескоска отворено ги кажува нејзините ставови во врска со отворањето на највисокиот државен акт без присуство на опозицијата како и за можностите за надминување на политичката криза во моментов.

Разговарала
Мери ЈОРДАНОВСКА

ФОКУС: Како гледате на најавите на премиерот Никола Груевски за промени во Уставот?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Можни се неколку причини за отварање на Уставот во овој момент. Едната можна причина е да се дефокусира јавноста од политичката криза која постои и од прашањата кои можеби допрва ќе се отвараат. Тоа ме потсетува на вицот “нишајте го возот да изгледа како да се возиме”. Другата можна причина е исполнување на политички договор на владините партнери, па во текот на постапката можеби ќе се отворат прашања кои наводно сега не се цел на уставните измени, а на крајот ќе завршат во Уставот. Како алиби за второто сценарио можеби ќе се искористат креираните етнички тензии. Не помалку веројатна е и третата причина, а тоа се парите, односно финансискиот интерес за власта од воведувањето на можност за отварање на финансиски зони, кои всушност претставуваат кукавичкото јајце во предлогот за уставни измени.

Во секој случај, очигледно е дека вистинските причини за уставните измени не се добронамерни и не се оние кои власта ги декларира.

ФОКУС: Дали тие прашања можат да се регулираат со закон, наместо да се отвора највисокиот државен акт?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Јас сум поборник на ставот дека “Уставот треба да се менува со рака што трепери”. Тоа значи, Уставот да го менувате само кога е најнеопходно и тоа после долга и инклузивна дебата. Вистинска дебата, со аргументи, а не нарачани говори и аплаузи. За мене како професор по уставно право нема дилеми дека Уставот содржи слабости кои треба да се изменат. Но, потребна е широка дебата која може да покаже дека не се најприоритетни прашањата кои сега се отвараат за уставни измени, туку можеби има некои кои се позначајни и поургентни.

Всушност, евентуален предлог за уставни измени од страна на Владата треба да следи по една таква дебата и опсежна анализа. Исто така, Уставот не е вреќа без дно во која можете да ставате се и сешто. Уставот е основен акт, кој треба да ги регулира основните начела и вредности на една земја, да содржи цврсти гаранции за човековите права и да ги постави границите на власта. Од првичната најава за уставните измени, видливо е дека најголем дел од нив се законска материја и не им е место во уставот.

ФОКУС: Собранието претрпе критики за носење закони во отсуство на опозицијата. Дали слично нешто ќе следува и со евентуалното менување на Уставот без опозиција?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Секако. Власта секогаш кога опозицијата отсуствуваше од Собранието на неделовнички начин спроведуваше итна или скратена постапка и „штанцаше“ закони. Во таквите постапки на „брзи прсти” се носеа стотици закони за 30-45 секунди. Во еден наврат за таквото однесување, претседателот на Собранието јавно се извинуваше, а по некое време истото го повтори. За промена на Уставот потребен е не само најширок политички консензус, туку и најширок општествен консензус. Затоа да почнувате уставни измени во ситуација кога опозицијата не ги признава изборните резултати и не учествува во работата на Собранието е израз на највисока ароганција и најголем доказ на отсуство на демократска свест кај власта. Катастрофално е во услови кога Собранието е без опозиција да се менува уставот.

СЕ ПРОЛОНГИРА МОЖНОСТА ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ЖАЛАТ ДО СТРАЗБУР

ФОКУС: Воведувањето уставна жалба ќе биде уште една нова инстанца пред граѓаните да ја бараат правдата пред Стразбур. Дали со ова „нивото“ на правдата ќе се намали уште повеќе?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Уставната жалба е инструмент кој постои во земјите кои имаат уставни судови. Кај нас од неразбирливи причини не постои во Уставот. Факт е дека при нејзиното воведување треба да се биде внимателен и да се воспостават гаранции кои ќе значат ефикасност во работењето на Уставниот суд бидејќи постои опасност истиот да се затрупа со предмети, што уште повеќе ќе ја оневозможи заштитата на правата, затоа што не случајно се вели “задоцнетата правда e неправда”. Она што е специфично за Република Македонија е што имаме Уставен суд кој е целосно анемичен и ставен под капа на власта. Тој е институција која целосно го изгуби својот кредибилитет. Наместо „чувар на уставот“ Уставниот суд се стави во улога на аминувач на неуставните политики на власта. Тоа можевме да го видиме во повеќе ситуации. Еден од посвежите е случајот со барањето за заштита на правата на новинарите кои им беа прекршени со нивното исфрлање од Собранието на 24 декември за да не бидат сведоци на бруталните постапки кои беа преземени спрема пратениците. Е, сега во ситуација кога Уставниот суд го изгуби целосно својот кредибилитет, основани се стравувањата на дел од јавноста дека со воведување на уставната тужба нема да додадете нов квалитет во заштитата на правата, туку само ќе ја пролонгирате можноста граѓаните да се обратат до Европскиот суд за човекови права. Исто така стои опасноста дека кога ќе се отвори за измена делот на Уставот посветен на Уставниот суд, ќе се отвори вратата и за евентуални барања со закон да се воведе бадентерово мнозинство при неговото одлучување.

ФОКУС: Сметате ли дека е неопходно да се вметне во Уставот бракот како институција помеѓу маж и жена?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Не. Ова прашање е законска материја и како такво е регулирано во закон. Во законот е јасно дефиниран бракот како институција помеѓу маж и жена и јас не гледам потреба таа законска одредба да се помести во уставот. Со воведување на ваква уставна дефиниција, правите само измена заради измена, без нешто суштински да смените.

СЕ НАТПРЕВАРУВАВМЕ ВО ЗАРОБЕН СИСТЕМ

ФОКУС: Учествувавте директно во изборниот процес како носител на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица. Дали таквата позиција ви даде прилика непосредно да сведочите за појавите на изборна корупција, притисок и закани врз повеќе слоеви на граѓани, за кои партијата ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ на самиот изборен ден?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Последниве избори поминаа во целосно нефер и недемократски амбиент. Тоа можеше да се види и да се почувствува од самиот почеток на изборниот процес. Постојано се соочувавме со бројни прекршувања и изигрувања на изборните правила од страна на власта и бевме приморани да се натпреваруваме во еден „заробен“ систем, систем во кој постојат притисоци  кои предизвикуваа страв кај дел од избирачите и неможност слободно да си ја изразат својата волја, систем во кој постоеше изборна корупција со буџетски средства, систем во кој постоеја т.н. фантомски гласачи, луѓе кои ниту живеат, ниту некогаш воопшто живееле на адресите на кои беа запишани, систем во кој постоеше гебелсова пропаганда и медиумска блокада на опозицијата.

ФОКУС: Имавте ли соодветен пристап до медиумите?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Јас се соочив со ситуација како носител на листа практично да немам пристап до поголемиот број медиуми. Луѓе кои ги знам подолго време, некои од нив и ми се пријатели, а работат во одредени провладини медиуми, со срамење и жалење ми кажуваа дека не смеат да објават прилог во кој ќе информираат за предизборните активности кои ги водевме во единицата. За интервју, не можеше ни да се помисли. Трагична беше ситуацијата и кога гледавме потполно исти прилози на различни телевизии, потпишани од различни новинари, и се разбира сите беа негативни за опозицијата.  Она што е уште потрагично во целата ситуација е што ниедна институција не реагираше да се спроведе законот, да се обезбедат основни предуслови за фер натпревар. Затоа велиме дека се случи системска кражба на гласови. Изигравме натпревар на терен кој е поставен наугорница. Голот на власта беше на врвот од ридот, нашиот гол беше на подножјето. Ние трчавме угоре, знаејќи дека е невозможно во таков амбиент да ја задржиме топката, која природно се тркала удолу.

ФОКУС: Најголем дел од опозицијата не ги призна изборните резултати, што беше вовед во парламентарна, но и политичка криза, иако некои сметаат дека криза не постои, бидејќи парламентот функционира непречено со двотретинско и бадентерово мнозинство, а згора на тоа, има и опозиција. Како очекувате да се надмине ваквата ситуација, бидејќи очигледно е дека вашето клучно барање за техничка влада е неприфатливо за другата страна?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Дека постои политичка криза во државава секому му е јасно, освен на намножените „аналитичари“, кои со полни усти „славопојки“ за власта и перманентни критики за опозицијата ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните и се подложуваат себе си на потсмев не само на јавноста, туку и на оние кои им ги нарачуваат „анализите“ и „толкувањата“. Во земјава има политичка криза исто како што има правници кои сакајќи да и се додворат на власта со своите толкувања ги погазија елементарните правила за правни толкувања и ја срамат професијата, како што има луѓе што не се ни правници, а на долго и широко на провладините медиуми даваат правни толкувања.

ВЛАСТА НЕ ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО ДОБРИ НАМЕРИ

ФОКУС: Мислите дека власта не е свесна за политичката криза или само игра под маска на залажувања на јавноста?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Власта е сосема свесна дека има политичка криза. Да не беше така, немаше да оди на насилно верификување на мандатите на пратениците од опозицијата, спротивно на правните правила и на досегашната пракса. Да не беше така, немаше да дојде до противуставно одложување на констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата. На власта и треба опозиција во Собранието, за да глуми „нормалност“. Од друга страна, опозицијата веќе не смее да си дозволи да биде декор во Собранието. Досега на политичката сцена имаме неодговорна власт, која брутално се однесува кон своите неистомисленици, која нема чувство за политичка и морална одговорност, која ги спречува сите механизми за правна одговорност на луѓето блиски до власта. Таа ситуација е неподнослива. Очигледно е дека власта нема намера да отстапи од тие свои практики. Таа во разговорите не влезе со волја да се подобрат состојбите во државата и да се изнајдат решенија за надминување на системските проблеми. Тоа ни е јасно на сите, па затоа и клучното политичко барање на опозицијата е техничката влада.

ФОКУС: Другите теми за разговор предложени од опозицијата, како на пример одвојување на државата од партијата, медиумите, прочистување на избирачкиот список и слично, се всушност препораки и забелешки на ОБСЕ/ОДИХР и на други меѓународни институции кои се влечат од 2011 до денес.

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Секоја власт во нормални демократски земји не би си дозволила истите забелешки да се провлекуваат во три изборни циклуси, без да ги реши спорните проблеми. Власта има обврска пред граѓаните да понуди решенија за тие проблематични прашања, без опозицијата да има потреба да ги отвара како тема. Но, тоа веќе три години во Македонија не се случува, што е уште еден доказ за немањето политичка волја кај власта за демократизирање на состојбите во државата. Ако власта не прифати разговори за техничка влада, не гледам решение за политичката криза. Тие може и да фингираат решение за кризата, со инсталирање на виртуелна опозиција. Градењето „потемкинови села“ всушност е специјалност на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, со тоа нема да ја решат кризата, туку само ќе ја продлабочат.

НЕ СЕ ВИНОВНИ ИЗБОРНИТЕ ПРАВИЛА, ВИНОВНА Е ВЛАСТА ШТО ГИ КРШИ

ФОКУС: Можна ли е друга епизода од политичкиот дијалог меѓу премиерот Никола Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заев? Ако не верувате во демократскиот капацитет на власта во целина и во премиерот Груевски, зошто воопшто влегувате во преговори?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Досегашните преговори со власта во повеќе наврати не ни оставаат простор за веруваме во нивната добра волја да го спроведат договореното. Тоа се случи во повеќе наврати. Јас ќе потенцирам само два во кои лично сум учествувала. Извештајот за 24 декември не е имплементиран. Кога со мајскиот договор се договорило формирањето и мандатот на ад-хок комисијата, бил договорен и начинот на нејзино одлучување – а тоа е со мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ тогаш прифатиле усвојување на извештај со 3 гласа од комисијата. Извештајот кој беше потпишан од сите, ВМРО-ДПМНЕ го прогласи за палома хартија. Делот на заклучоците, или како што стоеше правни квалификации, од кои тие се обидуваат да се оградат е составен дел од извештајот, во кој е констатирано кршење на Уставот, Законот за Собрание и Деловникот на Собранието. Таквите констатации во секоја демократска земја во најмала рака би повлекле политичка одговорност за оние кои ги прекршиле правните акти. Значи имплементацијата на Извештајот требаше да почне од нив, но тоа не се случи.

Во вториот случај, при преговорите за измените за Изборниот законик, постојано се забележуваше изнасиленоста во разговорите. Се ценкаа за секое решение, особено кога стануваше збор за суштински барања за измени. Мојот став беше дека требаше да инсистираме на уште поригорозни одредби за одвојување на државата од партијата, на намалување на вкупното трошење на партиите за време на изборите, на намалување на времето кое еден субјект може да го користи за платено политичко претставување, на решавање на прашањето за гласањето на дијаспората, да не бараме обележување со видливо мастило бидејќи тоа не претставува никаква гаранција, а власта ќе го злоупотребува тоа барање и сл. Во преговорите СДСМ влезе со искрена добра волја да се постигне договор за подобрување на правната рамка и во имена таа добра волја отстапивме од еден дел од нашите барања. Сепак, договорените измени претставуваат исчекор во подобрување на Изборниот законик. Што е резултатот од тој договор? Првпат на најочигледен начин изборните правила не се виновни за лошиот изборен амбиент, туку нивното отворено кршење од страна на власта.

Заради таа акумулирана недоверба, сега е барањето за техничка влада која на непристрасен начин ќе овозможи да се создадат услови за фер натпревар и нема да ги злоупотребува своите овластувања за време на изборниот процес.

МЕЃУЕТНИЧКАТА ТЕНЗИЈА Е НАМЕРНО КРЕИРАНА

ФОКУС: Македонија се соочува со масовни протести базирани на меѓуетничка основа. Но, не гледаме реакции од ниту еден политички субјект, а и тие што ги има се на раб на анемичност. Како вие гледате на меѓуетничките односи во земјава и на протестите за случајот Монструм?

ТРЕНЕСКА –ДЕСКОСКА: Владејачките политички партии премногу несериозно се однесуваат кон меѓуетничките односи. Наспроти нивното одлично меѓусебно разбирање во тендер-коалицијата, на терен користат груба националистичка реторика и поттикнуваат меѓуетничка нетрпеливост. Таа реторика кулминираше за време на изборната кампања која во еден значаен дел се потпираше на етнички прашања. Очигледно е дека двата владини партнери стремат кон хомогенизација во сопствената етничка група преку антагонизирање со другите. Меѓутоа, тоа е играње со оган. Незадоволството, револтот и омразата кои се сеат, остануваат кај граѓаните. Во таква атмосфера, доволна е и најмала искра за да предизвика експлозија.

Но, од друга страна останува и сомнежот дека меѓуетничката тензија која постои во моментот е намерно креирана, за да биде предигра во одредени настани кои можеби ќе следат. Тој сомнеж постои заради реториката која се користеше во судската постапка и во медиумите околу овој судски случај, особено во ситуација на целосна и отворена партизација на судството. При оценката на фактите во било кој случај и одмерувањето на казната не треба да се носат етнички или партиски „наочари“. За мене нема дилема дека секој за кој ќе се докаже дека сторил тешко кривично дело треба да одговара за истото.

Поврзани новости