Оценките за напредокот се послаби од минатата година, велат од ЕПИ

by Fokus

Институтот за европска политика ја објави својата кратка анализа на извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија за 2023 година.

Според анализата, оценките за напредокот се послаби од минатата година, па наместо „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок.

„Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Темели.

Во однос на минатата година, оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Ова е очекувано имајќи го предвид пристапот на Комисијата во изминатата декада, за кој пишувавме во минатогодишната анализа.

Овие заклучоци се загрижувачки од неколку аспекти. Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23: правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на нашата ЕУ интеграција. Од друга страна, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно“ велат од ЕПИ во анализата.

Поврзани новости