Оценка на Бучковски: Изборите во Бугарија се битни за нашите амбиции

За нас, битни се роковите за формирање Влада, затоа што сме во временски цајтнот пред Советот на ЕУ, вели тој во изјава за Фокус.

by Фокус

Двојните избори во недела во Бугарија се исклучително битни за нашите амбиции, но и амбициите на САД и ЕУ Бугарија да ја крене блокадата за почеток на нашите преговори со ЕУ, оценува универзитетскиот професор и поранешен премиер Владо Бучковски, кој воедно е специјален владин претставник за Бугарија.

Како што вели Бучковски за Фокус, клучно за нас и меѓународната заедница е дали ќе успее Бугарија по третите парламентарни избори да добие политичка Влада?

-Според мене, тоа ќе се случи! Прашање е само дали коалициската Влада ќе успее да ја формира ГЕРБ на Бојко Борисов или т.н протесни партии предводени од новата партија Промените продолжуваат на поранешните службени министри Петков и Василев или т.н “Хардвардците” – вели Бучковски.

За нас, додава тој, битни се роковите за формирање Влада, затоа што сме во временски цајтнот пред Советот на ЕУ закажан за средината на декември.

-На 24 ноември (10 дена по изборите), ќе се конституира Парламентот. Тогаш ќе бидат завршени и Претседателските избори (вториот круг е на 21 ноември), Бугарија ќе има старо нов Претседател Румен Радев или ќе го има новиот Претседател Герџиков – посочува Бучковски.

Како и да е, истакнува тој, реално е во првата недела на декември да има политичка Влада. Притоа, тој нагласува дека САД и ЕУ не кријат дека ги чекаат резултатите од изборите за да помогнат да се најде решение во спорот со Македонија.

-Ставовите на Борисов и Радев ни се добро познати. Протесните партии, пред се новата Промените продолжуват се исклучително позитивни во поглед на изнаоѓање решение за кревање на блокадата – смета Бучковски.

Инаку, викендов се одржуваат претседателски избори во Бугарија, во пакет со трети по ред парламентарни избори, откако после претходните два изборни циклуси ниту еден мандатар не формираше влада.

Овие двојни избори се одржуваат во време кога доаѓаат силни сигнали од македонската влада и меѓународната заедница дека Софија ќе дозволи земјава во декември да започне преговори со ЕУ.

В.С.

Поврзани новости