Отровен поскок им влегол во соба на кумановци, Келе го заловил со песна!

by fokus

Вистинска драма доживеало семејство од Куманово, кога завчера во соба, во нивната викендичка им влегол поскок, најотровната змија во Европа, која може да се сретне и кај нас.
Важи за една од најопасните змии поради силниот отров и долгите заби, а хемотоксините кои ги содржи отровот, предизвикуваат засирување на крвта.

Кога ја забележало, семејството во паника, на помош го побарало Келе, шепотачот на змии од Криволак, Неготино, кој веднаш заминал во Куманово.

-Станува збор за смртоносна змија, поскокот или по народски кажано, камењарка е најотровната на нашето поднебје. Не е многу долга, а се распознава по рокчето кое го има над носните шуплини.
Обично живее во камени предели, но може да се сретне и во лозја, камени ѕидови, а еве се случи да влезе и во соба, во викендичка.
Јас веднаш кога пристигнав започнав со мојата песна, наречена басма, со која ги скротувам и привлекувам змиите. Кога ме слушна, таа излезе, без страв ја фатив. Пријател сум со сите влекачи, не ги убивам, ќе ја пуштам некаде во шумски предел, да си живее, подалеку од луѓе – за ,,Фокус” појаснува Скендер Јусуфов, познат како Келе Змијата, држејќи ја без страв отровницата во рака.

Додава дека семејството му било преблагодарно бидејќи ги спасил од поскокот, а веќе денес добил нов повик, да залови змија во Гевгелија, која влегла на четвртиот кат во некој објект.

-Не знам за каква змија се работи, ми се јавија од Гевгелија, но без страв одам да ја заловам. Над 30 години ловам змии, не се случило никогаш да бидам каснат. Сега им е сезоната, се будат, гладни се, раздвижени… Апелирам до сите кои одат во природа, до оние кои имаат викендички, да бидат претпазливи. Доколку се случи во домот да им влезе змија, слободно нека ме побараат да ја заловам. Мене телефонот овој период постојано ми ѕвони, секој ден сум на пат – раскажа шепотачот на змии.

Неговиот телефонски број е 075 693 642, и вели дека е достапен во секое време. Порача луѓето да не ги убиваат змиите доколку ги затекнат на својот имот, туку да го побараат, а тој ќе ги залови и пушти да си живеат во природа, подалеку од населено место.

Вики Клинчарова

Поврзани новости