Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг ветија дека ќе ја подобрат соработката меѓу Москва и Пекинг еден ден откако Доналд Трамп се врати на претседателството на САД.
Двајцата лидери разговараа за „новите планови за развој на сеопфатно руско-кинеско партнерство и стратешка соработка“, се вели во транскриптот од нивниот разговор објавен на веб-страницата на Кремљ.
Обраќајќи му се на Путин како негов „драг пријател“, Џинпинг рече дека Кина и Русија треба заеднички да го поддржат меѓународниот систем со центар на ОН и да го бранат глобалниот поредок по Втората светска војна.
„Оваа година, јас сум подготвен, заедно со вас, да ги подигнеме кинеско-руските односи на ново ниво, да се спротивставиме на надворешните несигурности преку одржување на стабилноста и издржливоста на односите меѓу Кина и Русија, за развој и просперитет на двете земји и за правда и еднаквост во светот“, му рекол Си на Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин исто така го нарече Си „драг пријател“ и ја истакна длабочината и широчината на руско-кинеските односи.
– Овие врски се самодоволни, бидејќи не зависат од никакви домашни политички фактори или од моменталната глобална ситуација – рече Путин.
Кинеската поддршка за Москва се зголеми од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Непосредно пред почетокот на нападот на Москва, Путин и Си потпишаа изјава во која се наведува дека „нема граници“ за кинеско-руската соработка.
Трамп претходно изјави дека ќе заземе цврст став кон Кина, заканувајќи се дека ќе користи царини за трговијата, и дека сака да разговара со рускиот претседател за преговори за ставање крај на војната во Украина. На денот на инаугурацијата во понеделникот, Трамп го закопа Путин, обвинувајќи го дека ја „уништил Русија“ водејќи војна во Украина.