Откриено е кого Путин испраќа во Ријад да го претставува на разговорите со Американците

by Fokus

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков утре во Ријад ќе се сретнат со претставници на САД, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Тој на новинарите им рече дека Лавров и Ушаков денеска ќе летаат за Ријад по инструкции на рускиот претседател Владимир Путин.

„Се очекува тој во вторник во Ријад да одржи средба со американските колеги, која првенствено ќе биде посветена на обновувањето на целиот спектар на руско-американски односи“, рече Песков.

Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во неделата вечерта потврди дека патува во Саудиска Арабија на првите директни разговори меѓу САД и Русија за ставање крај на конфликтот во Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата откри дека Виткоф веќе се сретнал со Путин „во многу долг разговор, кој траеше околу три часа“. Виткоф, милијардер инвеститор во недвижнини и близок пријател на Трамп, неодамна беше во Москва за да обезбеди ослободување на американскиот учител затворен поради поседување марихуана.

Се очекува американскиот државен секретар Марко Рубио да се сретне и со руски претставници во Саудиска Арабија, а на средбата ќе присуствуваат и советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц и Виткоф.

Поврзани новости