Жена од Штип, на возраст од 55 години, пред три дена во населбата Суитлак пронашла остатоци од човечко тело, изгризани од животни, и веднаш по облеката ја препознала својата мајка, која била исчезната од 18-ти јули годинава.
За исчезнувањето на Драгица Ристевска (74), беше објавена информација и фотографија на официјалната страница за исчезнати на МВР, и се трагаше по неа.
Откако ги пронашла остатоците од телото, штипјанката пријавила во полиција, бил извршен увид, а по наредба на Јавен обвинител, посмртните останки на починатата биле предадени на семејството.
Веста за тоа дека токму ќерката ги пронашла остатоците од својата мајка, се најде во билтенот на МВР, и истата го привлече вниманието на јавноста, отворајќи го прашањето, дали се работи за случајност или пак штипјанката упорно трагала својата мајка.
Како што информираат од СВР Штип за ,,Фокус”, во периодот кога била пријавена за исчезната, сега веќе починатата Драгица Ристевска (74), веднаш се започнало со потрага по неа. Околу седум дена се пребарувал теренот, па дури полициски службеници го пребарале и тој дел, каде сега биле пронајдени остатоците, но тогаш не нашле ништо.
Тие денови имало врнежи од дожд, па поради тоа не било од помош и кучето трагач кое било вклучено во потрагата.
-Се работеше за жена која имала Алцхајмерова болест, и во минатото повеќе пати се случувало да залута од домот. Ќерката секогаш ја наоѓала. Сега, локацијата каде беше пронајдена е на околу еден километар од нивниот дом, станува збор за место над Зоолошката градина, споено е со градот и таму има повеќе викендички.
Иако исчезната со месеци, сепак ќерката не се откажала од трагањето, и со намера да ја бара и тој ден, заминала на тој дел, каде и случајно ги нашла остатоците, на отворено, покрај пат, информираат од СВР Штип.
Нема податоци дали евентуално жената починала истиот ден кога исчезнала, или пак некое време лутала наоколу пред да почине, па затоа и не била пронајдена кога се пребарувал тој дел.
Инаку, летово во Штип во рок од помалку од 30 дена исчезнаа три лица, Драгица Ристевска (74), Драган Стојанов (40) и Славе Димитриевски (87). За двајцата исчезнати мажи, од кои Драган исчезнал на 10-ти август, а пак Славе на 14-ти август, се уште нема информација дека се пронајдени.
Вики Клинчарова