Атентаторот на Доналд Трамп дејствувал сам и употребил легално купена пушка АР за да го нападне поранешниот американски претседател, соопштија претставници на ФБИ, додавајќи дека нема индикации дека осомничениот имал психички проблеми.
Претставници на ФБИ им рекоа на новинарите дека истрагата е во рана фаза и дека сè уште не идентификувале идеологија поврзана со осомничениот. Тие рекоа дека откривањето на мотивот зад нападот е еден од нивните приоритети.
Семејството соработува со истрагата, изјави специјалниот агент на ФБИ, Кевин Роек. Пушката била испратена на обработка во лабораторија на ФБИ во Вирџинија, заедно со телефонот на Крукс и сомнителен уред пронајден во неговото возило. Друг претставник на ФБИ рекол дека инцидентот исто така се истражува како потенцијален акт на домашен тероризам.
Полицијата вчера пронашла материјал за правење бомби во автомобилот на Крукс и во неговиот дом.
Државните гласачки записи покажуваат дека Крукс бил регистриран републиканец. Кога имал 17 години, донирал 15 долари на политичкиот акционен комитет ActBlue, кој собира пари за левичарските и демократските политичари. Донацијата била наменета за Прогресивен Проект за излезност, поврзан со Демократската партија на претседателот Џо Бајден. Јавните записи покажуваат дека неговиот татко е регистриран републиканец, а неговата мајка е регистриран демократ. Осум месеци по донацијата, Крукс се регистрираше да гласа како член на Републиканската партија, која е предводена од Трамп од 2016 година.
Томас не бил прифатен во средношколскиот стрелачки клуб затоа што не бил добар стрелец, бил непопуларен и осамен и трпел насилство од врсници, рекле поранешни ученици за 20-годишникот, кој беше убиен откако пукаше во поранешниот претседател Доналд Трамп на митингот во Пенсилванија.
Негови поранешни школски другари го опишале како осамено, непопуларно момче кое трпело насилство од врсниците. Но исто така рекле и дека бил добро момче, дека имал добри оценки, се интересирал за историја и јавна администрација.
Крукс работел во кујната на локалниот дом за стари лица.