На 7 мај, денот кога во Скопје ќе пристигне папата Франциск нема да се вршат прегледи и операции во клиниките на Клиничкиот центар. Од Министерството за здравство информираат дека поради безбедносните протоколи мора сите прегледи и интервенции да се презакажат за друг ден.
-Според овие протоколи, пристапот до Ургентниот центар на Скопските клиники треба да биде беспрекорен, затоа ги известивме сите клиники со допис да ги информираат пациентите дека термините за прегледи и интервенции се одложуваат за наредниот ден, информираат од Министерство за здравство.
Од Министерството појаснуваат дека пациентите нема да бидат запоставени, односно дека сите што тој ден ќе имаат потреба од здравствена услуга ќе се упатуваат кон другите општи и клинички болници во Скопје и низ државата. Итните случаи, за кои ќе биде потребна хируршка интервенција ќе се носат во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а оние што се за интернистички прегледи во Градската општа болница „8 Септември“.
-Само во случај ако не може да се справат со одреден итен случај тогаш ќе можат да го препратат на скопските клиники, велат од Министерство за здравство.