Откажана е австралиската турнеја на Благоја Грујовски и Сања Барби, поради закани со бојкот!

by Fokus

Фолк музичарите Благоја Грујовски и Сања Барби нема да ја одржат новогодишната турнеја во Австралија, која што беше најавена уште во јули годинава.

Настанот кој требаше да започне во Перт, со концерт за време на новогодишната ноќ, а потоа да продолжи со концерти во поголемите австралиски градови и да трае се до крајот на февруари, беше во организација на естрадниот менаџер Пикси Санел и Лу Ристов.
Беше предвидено со пејачите да настапи и групата ,,Маестрал”, но сега веќе планот бил променет и наместо нив, со групата ќе настапувале Анстасиа Митровска и Христина Илиоска.

Веста за ,,Фокус” ја потврди менаџерот Пикси, кој вели дека гостувањето на Грујовски и на Барби во Австралија е откажано, бидејќи нашинци се заканиле дека ќе ги бојкотираат концертите, откако овие музичари настапија на Денот на независноста на прослава организирана од Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода во Пеленица.

-Објавени се детали за турнејата на ,,Маестрал” во Австралија, наместо Благоја и Сања имаме две одлични пејачки, Анастасиа и Христина. Промената на музичарите дојде по бурните реакции на нашинци во Австралија, кои реагираа поради нивното гостување на настанот во Пеленица- појаснува менаџерот.

Тој беше дел од организацијата на големата пролетна австралиска турнеја и на Сузана Гавазова. За време на нејзината турнеја, голем број на нашинци кои присуствувале на концертите, имаа само пофални зборови за Гавазова и ја нарекуваа македонска мајка и голем патриот.

Откако и Гавазова настапи на настанот во Пеленица заедно со Грујовски и со Барби, актуелни беа закани со бојкот и за нејзините евентуални идни гостувања во Австралија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости