Босанскиот пејач Амар Гиле, кој што на македонската публика минатата година и го претстави Лилјана Петровиќ, позната во регионот како менаџерката на Тоше Проески, нема да одржи концерт на 11 мај во ВИП арена Борис Трајковски, како што беше првично најавено. Концертот е откажан, а за причината за откажувањето се молчи.
Гиле, кој пред два месеци во интервју за ,,Фокус’’ ветуваше дека ќе направи голем спектакл пред македонската публика, не е достапен за коментар. Тогаш тој ни раскажа дека за концертот во Скопје подготвувал три нови песни и како верува дека ќе ја наполни концертната сала. Една од песните ја напишала Јелена Трифуновиќ, соработничка Тоше, со која тој направи неколку хитови.
Сепак, во коментари на социјалните мрежи, дел од граѓаните порачааа дека Гиле не е Тоше, и потешко ќе му оди освојувањето на македонската публика и полнењето на големите сали. На неговата официјална страница нема никаква информација за откажувањето на концертот. Приватните профили на социјалните мрежи, пак ги избришал. Нема да настапи ниту неговиот гостин, популарниот Шабан Шаулиќ, кој во првичниот план не беше предвиден да гостува, но потоа, околу еден месец пред договорениот датум за концертот, и тој беше додаден како учесник.
Уште тогаш започнаа шпекулациите дека продажбата на билетите оди бавно, па со помош на звучно име од естрадата како гостин, ќе се спасува концертот. И Лилјана Петровиќ, која се залагаше за промовирање на Гиле во Македонија, не е достапна за коментар по повод случувањата.
Организаторот на концертот, ,,План Б продукција’’ и нејзиниот прв човек, Кристијан Георгиевски, исто така не е достапен за коментар. Не одговори на нашите телефонски повици, ниту пак на СМС пораките, со цел да дознаеме која е причината за откажувањето на настанот.
Неофицијално, од извори блиски до продукцијата дознаваме дека наводно станувало збор за технички проблеми. Сепак, на телефонскиот број оставен за информации и резервации за билети, ни кажаа дека концертот е откажан поради проблеми со Шабан Шаулиќ, а сите кои што купиле билети, ќе си ги добијат парите назад.
Помеѓу естраданите кругови веќе се шпекулира дека причина за откажувањето е слабиот интерес на македонската публика за Гиле. И покрај тоа што Петровиќ се заложи за неговата кариера и се обиде да го претстави во одлично светло во Македонија, сепак, најверојатно Гиле се уште не е подготвен да ја наполни ВИП арена Борис Трајковски.
Гиле е првиот пејач со кого менаџерката на Тоше започна соработка, десет години по неговата смрт. Неодамна тој ни изјави дека има и друг менаџер, кој се грижи за неговите настапи, додека Петровиќ му помага со своите контакти со медиуми, повеќе на пријателска база, и не го придружува на патувањата. Лани тој настапи во Прилеп, и најави дека во план му се повеќе концерти во Македонија во тек на 2018 година.
Вики Клинчарова