Хуманитарниот концерт за помош на младиот Никола Новоселски од село Муртино, струмичко, кој требаше да се одржи во вторникот, во Спортската сала Парк во Струмица, беше откажан поради слабата продажба на влезниците.
И покрај тоа што гостувањето го потврдија голем број на музичари, помеѓу кои Тајзи, Сузана Гавазова, Ирена Спасовска, Благоја Грујовски, Марјан Коцев, Болеро бенд, Стојне Николова, Ленче и Горан Кукиќ и други, сепак се продале само 50 влезници по цена од 200 денари.
Организаторот на настанот, Иван Митев од ИМД Продукција, за ,,Фокус”, раскажува дека е разочаран од слабата продажба на влезниците, особено поради тоа што станувало збор за хуманитарен настан, чии средства биле со цел Новоселски да замине на терапија во Москва, Русија. Тој верувал дека Никола може да се потпре на хуманоста на своите сограѓани, и слабиот интерес за настанот го огорчил.
-Концертот се откажа поради слаба продажба на карти, односно беа продадени само 50 карти! Со таков маркетинг, со реклами на телевизиии, на радио станици, на сите струмички портали, повици на Фејсбук… Јас како организатор излегов два пати на централни вести на ТВ Вис Струмица, апелирав до музичарите, апелирав и до граѓаните да ја разбудат својата хуманост и да купат билети. Потенцирав дека средствата од влезниците ќе бидат наменети за лекувањето на Никола во Москва, за уште еден негов третман… Исто така, фолк пејачот Благоја Грујовски се вклучи во целата пропаганда, излезе на национален медиум во утринска програма, го најави концертот. Многу сме огорчени од струмичани, се покажа хуманоста и колку се сака да се помогне на едно немоќно лице – ни изјави Митев.
Никола Новоселски (33) не и е непознат на нашата јавност. Апели за донации за него често пати се објавувани во повеќе медиуми. Тој доживеал тешка сообраќајна несреќа пред околу седум години и се здобил со повреди на главата кои предизвикале трајни последици. Неговото семејство верувало дека пресадувањето на матични клетки на клиника во Русија ќе му ја подобри состојбата. Лани младенците Марија Кармазова и Живе Коцев од Струмица ги донираа парите од нивната свадба, со цел да му помогнат на Новоселски во лекувањето.
Во ноември 2017 година, во Струмица во големата сала на Центарот за култура ,,Антон Панов” се одржа хуманитарен концерт организиран од струмичката естрада, исто така за помош на Никола, за да му се овозможи продолжување на лекувањето во Русија. Тогаш и градоначалникот Коста Јаневски присуствуваше на истиот, и порача граѓаните да покажат солидарност.
Вики Клинчарова