Директорката на Централен регистар, Марија Бошковска Јанковски вчера донела решение за престанок на работниот однос на Емил Јакимовски, вработениот за кој викендов две новинарки објавија дека им се заканувал.
„Денес 12.01.2020 година (недела) како директор на Централен регистар на Република Северна Македонија донесов решение за престанок на работниот однос на лицето Емил Јакимовски поради суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор на Централниот регистар. Имено Емил Јакимовски ги повредил и прекршил одредбите од неговиот Договорот за вработување според кои иако вработениот задолжително треба да го чува, сепак не го чувал угледот на работодавачот и не се воздржувал од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши се штетни или ги повредуваат интересите на работодавачот, професионално не се однесувал спрема другите вработени и странките, не ја респектирал хиерархијата и не се однесувал согласно Кодексот на однесување на работодавачот и пропишаните правила за ред и дисциплина кај работодавачот, објави синоќа Бошковска Јанковски на нејзиниот Фејсбук профил.