Откако тетовската „НБ-Компани“ доби милионски тендер за опремување на новиот културен дом, сестринската „Ган-Логистик“ купи бензински од семејни фирми на пратеник!

Тетовската градежна компанија „НБ-Компани“, или во оригинал „НБ-Цомпану“, во 2021 година склучи договор за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово вреден 23 милиони евра, во тендерска постапка со елиминирана конкуренција од странство и симболична аукција. Документација што ја обезбедивме открива дека додека компанијата го релизира овој договор, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици при влез во Скопје за 7,5 милиони евра. Податоците со кои располагаме покажуваат дека имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“, кои се поврзуваат со пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски.

by Фокус

Додека тетовската „НБ-Цомпану“ го реализира договорот за опремување на новиот културен дом во Тетово вреден 23 милиони евра, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици покрај автопат при влез во Скопје за 7,5 милиони евра од „Пуцко Петрол“ и „БИ-Холдинг“ на семејството на пратеникот Исмаил Јахоски, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

„Фокус“ подолг период ја истражува изградбата на новиот Дом на културата во Тетово, кој почна да се гради во 2014 година. Иако првично беше најавено дека во објектот каде ќе биде сместено кино, театар и библиотека ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра, сепак, десетина години подоцна овој проект се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи е поставен на крајот на 2025 година.

Децениска сага за нов културен дом во Тетово: Истрага за изградбата на објектот, тендер за опремување со елиминирана конкуренција!

Но, 13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи со тетовската „Урбан План Конструктион“, за што истрага водела финансиската полиција, која ја одзела документацијата за овој тендер, како и за постапките во кои се склучени договори за изработка на проектна документација и за ревизија на проектот.

Неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот со уште една тетовска компанија – „НБ-Компани“ или „НБ-Цомпану“, што е трет највисок договор за јавна набавка склучен во таа година. Инаку, овие средства ги префрла Владата преку Министерството за култура, додека постапките ги спроведува Н.У.Ц.К. „Иљо Антески Смок“.

Новиот културен дом во Тетово кој се гради веќе цела деценија.

Како што претходно обелоденивме, овој договор бил склучен во постапка со елиминирана конкуренција и безмалку симболична аукција. Имено, на денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни. Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, која заедно со внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети – Дрин Ахмети, го купи деловниот центар „Соравиа“ во центарот на Скопје.

Притоа, „Пе-Вла-Ку“ настапил во конзорциум со „Урбан План“, која го изгради објектот. Меѓутоа, нивната понуда била отфрлена поради формални недостатоци. Поточно, Комисијата за јавни набавки оценила дека гаранцијата може да се дава само во форма на банкарска гаранција, а не „понудувачот самиот да избира каков вид гаранција ќе поднесе“.

Причини за елиминација на албанската „Пе-Вла-Ку“, позната по случајот „Соравиа“.

Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија. Станува збор за „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот.

Како што оценила Комисијата, австрискиот гигант не доставил документи за субјектите со кои соработувал во смисла на исполнети услови и причини за исклучување од постапката. Во таков случај, евалуацијата ја минале само тетовските „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“, кои на лицитација отишле со првичните понуди како стартни позиции.

И австрискиот гигант „Штрабаг“ бил дисквалификуван во фазата на евалуација.

Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите, но Комисијата побарала објаснување за невообичаено ниските цени. Потоа, била извршена корекција на понудите, така што првичната понуда на „АК-Инвест“ станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ станала 1.230.545.077 денари.

Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена.

Електронската аукција за милионскиот договор поминала речиси без никаква борба.

Во продолжението на нашето истражување, објавено во последниот број на „Фокус“, откриваме дека во текот на оваа 2023 година, или на половина од реализацијата на милионскиот договор на „НБ-Цомпану“ за опремување на новиот тетовски културен дом (2021-2025), персонално поврзана компанија влегла во инвестициски зафат, купувајќи две бензински станици покрај автопатот Скопје-Тетово.

Во Централниот регистар, „НБ-Цомпану“ е заведена како градежна компанија, основана во 2007 година. Нејзини сопственици се Бурим Ибиши и Насер Ибиши, кои се поврзани со уште 2 компании. Меѓу нив е и „Ган-Логистик“, која ја поседуваат браќата Ибиши заедно со Кренар Ибраими. Тој е поранешен службеник и раководител во Општина Тетово.

Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека годинава „Ган-Логистик“ купила недвижен имот пред влезот во главниот град. Историјатите на движење на парцелите и договорите за купопродажба со кои располагаме покажуваат дека компанијата купила повеќе парцели од 2 компании, кои се доведуваат во меѓусебна корелација.

Двете продадени, односно купени бензински станици на автопатот Скопје-Тетово.

Едната од нив е добро познатата нафтена компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, која снабдува со нафта бројни државни институции и органи. Другата компанија, пак, е градежната „БИ Холдинг“, во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска.

Прво, на 23.03.2023 година бил склучен договор, со кој „Ган-Логистик“ од „Пуцко Петрол“ купува недвижен имот на катастарските парцели 204/1, 215, 197, 173, 172, сите во катастарска општина Арнакија. Земјиштето е со вкупна површина од 14.610 квадратни метри, но на него има деловен простор – комплекс бензинска станица со површина од 406 квадрати. За тоа тетовската компанија платила 3.776.000 евра.

Историјат на движење на една од парцелите што „Ган-Логистик“ ги купи од „Пуцко Петрол“.

Неколку дена подоцна, или на 29.03.2023 година, „Ган-Логистик“ склучил договор и со „БИ Холдинг“, со кој опфатени се уште неколку парцели во истата катастарска општина: 210, 206/2, 214, 203 и 199. Вкупно, земјиштето е 5.716 квадратни метри, а на него има деловен простор, односно бензинска станица од 351 квадрати, кои тетовската компанија ги купила за идентична сума од 3.776.000 денари со вклучен ДДВ.

Историјат на движење на една од парцелите што „Ган-Логистик“ ги купи од „БИ Холдинг“.

На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 евра, што ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште што оди во пакет со 2-те бензински станици.

Вреди да се потенцира дека бензинските станици како имот ги поседува „Ган Логистик“, но функционираат како дел од „НБ-Цомпану“, која во септември соопшти дека во нивни рамки почнала да функционира нова, т.е. 4-та бензинска станица на автопатот Скопје-Тетово. Претходно, пак, во јули истата година, компанијата соопшти дека со работа почнува нивната трета бензинска на истата автопатска делница.

„НБ-Цомпану“ годинава се пофали со новата бензинска во рамки на семејната групација.

Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт средства, сепак, најголем недвижен имот поседува сестринската „Ган Логистик“. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензински, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.

За потребите на оваа сторија, до „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“ поставувме неколку прашања. Одговори добивме само од „БИ Холдинг“, од кадешто велат дека продажбата на имотот е деловна политика, а сумата – деловна тајна. Патем, од таму истакнуваат дека немаат поврзаност со „Пуцко Петрол“, посочувајќи дека се „независна компанија“.

Арно ама, и Антикорупциската комисија констатираше дека меѓу „БИ Холдинг“ и „Пуцко Петрол“ има роднинска поврзаност. Тоа се случи кога Комисијата утврди дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“. Според ДКСК, тој бил преземен од фирми и банки, со што била направена штета од над 12 милиони евра, а најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“.

Исмаил Јахоски, актуелен пратеник и поранешен сопственик на нафтената компанија „Пуцко Петрол“.

Како што нотираше Комисијата, слабости биле утврдени уште на почетокот на процесот, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на Сеад Кочан. Во тој контекст, ја посочија и „БИ Холдинг“, како и фирмата „Адастра“, во сопственост на лицето Сашо Боко и друштвото „Аваз Холдинг“ на Хасредин Ризвановиќ.

Кога се говори за фирмите на семејството Јахоски, треба да се истакне и податокот дека „БИ Холдинг“ е регистрирана на иста адреса во скопски Карпош како и друштвото „К.С.А. Интернационал“ на Куштрим Смајлајл, зет на лидерот на ДУИ Ахмети. До неодамна, партнер на Смајлајл му беше Ерџан Сулкоски, кој се уште е партнер со Ратко Капушевски во „РКМ“, преку која одеше милионска набавка на мазут за „ТЕЦ Неготино“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости