Откако свирепо го убила партнерот, кавадарчанката ладнокрвно продолжила со животот како ништо да не се случило

by fokus

Работничка во една од кавадаречките фабрики, која во слободно време одела како аргатка по лозјата, разведена жена и мајка на две полнолетни деца, се првичните информации кои доаѓаат од Кавадарци за 51-годишната М.Б. која завчера беше лишена од слобода, поради основи на сомнение за свирепо убиство.

Таа го признала и го појаснила делото, убиство на својот партнер, 70-годишниот И.М. кое се случило на шести септември во неговиот дом.

Кавадарчани со олеснување ја дочекаа веста дека убиецот на И.М. е откриен. Во неверување се дека сторителот е жена, а не како што на почеток се претпоставуваше дека убиството го извршил маж, најмногу поради свирепоста.

Имено, жртвата првин била избодена со остар предмет, потоа врз телото била истурена запалива течност, и телото било запалено.

Три недели градот живееше во страв, посебно повозрасните луѓе кои живееа сами, бидејќи не се знаеше ниту мотивот за убиството, ниту пак имаше осомничени лица.

Како што појаснуваат од кавадаречкото Јавно обвинителство за ,,Фокус” М.Б. никогаш во минатото не била обвинета ниту пак осудена за некое дело.

Повеќе детали за настанот велат дека се уште не можат да откриваат за јавност.

Но, низ кавадаречката чаршија веќе се плетат разни приказни за настанот. За сторителката, луѓе кои ја познавале и кои биле во контакт со неа речиси секојдневно, раскажуваат дека ниту знаеле дека била во љубовна врска со И.М., но и по убиството кое го вознемири градот, таа воопшто не покажувала било какви промени во однесувањето.

Продолжила да оди на лозјата како аргатка, се однесувала како ништо да не се случило, ладнокрвно си продолжила со животот.

Според информации од МВР, убиството се случило во домот на И.М. кој живеел сам, а започнало со вербална расправија, која потоа прераснала во меѓусебна физичка пресметка, за да на крај жената со остар предмет му нанесе повреди, го полила телото со запалива течност, го запалила и си заминала.

Како што раскажуваат извори на ,,Фокус” во близина на телото имало плинска боца, па се претпоставува дека жената веројатно очекувала боцата да се запали и да експлодира и да не останат траги од убиството.

Но, сепак, боцата не експлодирала, а телото на убиениот било само делумно изгорено.

За убиениот пак, кавадарчани кои го познавале раскажуваат дека целиот живот работел и бил имотен. Живеел сам, откако син му починал, а ќерката и соругата со која се развел се преселиле во друг град.

Во минатото имал камиони, а потоа и фарма и брашнара. Неофицијално, неодамна продал дел од имотот за голема сума на пари.

Токму поради тоа што стануваше збор за имотен човек, актуелни беа претпоставките на граѓаните дека најверојатно бил убиен поради поради пари.

На М.Б. и е одреден притвор од 30 дена, а при претресот кај неа биле пронајдени и одземени предмети кои потекнувале од кривичното дело.

Вики Клинчарова

Поврзани новости