Судењето за случајот „Поштенска банка“, кој го отвори поранешното СЈО, наскоро ќе стартува во Кривичниот суд. На обвинителна клупа ќе седнат неколкумина обвинети, од кои дел се влијателни и познати бизнисмени, односно поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, бизнисменот Томе Главчев, како и Коле Смилевски, Викица Поповски, Гкеоргки Каратолис, Зоранчо Митревски, Влатко Димитровски, Зоран Шуклев и Венци Шуклев.
Датумот за првото рочиште се уште не е одреден, но познато е дека судијата Дарко Тодоровски ќе суди.
-Согласно автоматската распределба преку АКМИС – системот, предметот со КОК бр. 124/21 познат како „Поштенска банка“ е распределен на понатамошно постапување кај судија Дарко Тодоровски, а по насрочување на
термин за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, ни одговорија од Кривичниот суд.
Сепак, како што дознава „Фокус“, изборот на судија не одел како подмачкан, бидејќи уште во фаза на оценка на обвинението, еден од судиите побарал изземање. Откако барањето му било прифатено, на негово место бил распореден друг судија. Но, и кога дошол редот да се избере судечки судија, предметот преку електронскиот систем АКМИС, се паднал кај судијата Илија Трпков. Тогаш и овој судија, според информациите на „Фокус“, побарал изземање, а истото го потврдуваат и од Кривичниот суд.
-Во однос на вашето прашање за побарани иземања, согласно Законските одредби секој судија има право да бара изземање од одреден предмет заради непристрасно и независно постапување, и за конкретниот предмет, веднаш по оценка на обвинителниот акт и автоматска распределба на предметот кај судијата Илија Трпков, е побарано и добиено изземање согласно член 32 од ЗКП токму за да се запази непристрасноста и независноста, ни одговорија од Кривичниот суД на прашањето која е причината поради која судијата Трпков побарал изземање.
Инаку судијата Трков е судечки судија во „Плацевите на Водно“, исто така предмет кој потекнува од веќе згаснатото СЈО.
На деветминината обвинети во „Поштенска банка“ ќе им се суди за кривичните дела „Злoупотреба на службена положба и овластување“, како и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
КАТИЦА ЈАНЕВА ПЛАНИРАШЕ ОБВИНЕТИТЕ ДА ПЛАТАТ И ДА СЕ СПАСАТ ОД ЗАТВОР
Кога СЈО уште во 2018 година го презентираше овој случај, соопшти дека станува збор за финансиска истрага која опфаќа повеќе поврзани настани со кои се сторило кривичното дело перење пари и во периодот од 2001 до 2010 година и била прибавена имотна корист од околу 5 милиони евра. Меѓутоа, по проширувањето на истрагата во 2019 година, неофицијалните проценки се дека се испрани 9 милиони евра.
Овој предмет беше дел и од доказната постапка за случајот “Рекет”, бидејќи како за “Империја”, така и за “Поштенска банка” обвинителка Катица Јанева наводно барала од надлежните обвинители да ги затворат случаите со спогодба, односно осомничените да платат штета и да избегнат затворски казни. Ова впрочем во судница го сведочеше предметниот обвинител Бурим Рустеми.
-На еден неформален состанок, отидов кај Јанева, и во еден момент изнесе едно размислување дека размислува да се утврди штетата во „Поштенска банка“ и предметите да се затворат во СЈО и обвинетите да не добијат затворски казни. Ова размислување ме змисли и се прашував што е позадината. Меѓутоа, следните денови, прретпоставував дека Јанева сака да се повикува на мислењето од Врховен суд и да ги затвори истрагите во СЈО, зошто само таа варијанта до некаде ми изгледаше логична, раскажа Рустеми.
Тогаш сведочеше и за клучниот колегиум во април 2018 година.
-Во април се случи колегиум и Јанева го повтори ова размислување, дека така треба да биде за „Поштенска банка“ и „Империја“, а ние немавме можност да се произнесеме. Побара да изготвиме извештај за настанатата штета и обвинетите да не одат во затвор. Изготвив извештај, меѓутоа освен настанатата штета ја наведов и максималната ублажена казна на сите обвинети според Кривичниот Законик и го дадов на секретарката на Јанева, бидејќи немавме контакт за оваа проблематика, рече обвинителот, кој во судница додаде дека барањето на Јанева било апсурдно.
-Наведената варијанта беше апсурдна да се реализира, зошто спогодбите ќе бидат незаконски и немаше да можат да поминат во судот, заклучи во своето сведочење Рустеми.
Тој иако уште пред неколку месеци беше избран за виш обвинител, сепак ќе се појави во судница и ќе го застапува обвинението, како и останатите предмети кои ги наследи од поранешното специјално обвинителство.
Валентина Вурмо