Откако стана најмлад шаховски олимписки носител во Македонија, Лазов е и најмладиот добитник на наградата „8. Ноември“!

by Fokus

Шахистот Тони Лазов од Неготино, на 24 години стана најмладиот добитник на општинската награда Осми Ноември, која градот ја доделува на заслужни граѓани.
Одлуката највисокото општинско признание да му биде доделено на младиот државен првак во шах и член на ШК „Алкалоид“, беше изгласана на 48-та редовна седница на Советот на Општина Неготино.

Лазов е гордост на градот, откако во септември годинава го постигна најголемиот успех во кариерата на Шаховската Олимпијада која заврши во Будимпешта, освојувајќи сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763).

Тој е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнал во шаховските школи на ШК „Алкалоид“, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.

– Наградата замина во вистински раце! Среќни сме што од нашето Неготино произлезе еден ваков талент со кого се гордееме не само ние, како негови сограѓани, туку и цела Македонија. Јас лично му се восхитувам на шахистот Лазов кој е најмладиот добитник на општинската награда Осми ноември, и во име на општината му посакувам бројни успеси во иднина, изјави неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов.

Наградата на младиот шахист ќе му биде врачена на свечена седница на Советот на Општина Неготино која ќе се одржи на осми ноември (петок) во Ценарот за култура Ацо Ѓорчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости