Откако на Турчин сакале да му го одземат возилото со пајак служба поради непрописно паркирање, тој се обидел да го прегази полицаецот, информираа од МВР.
Според полицијата, вчера во 21.40 часот на ул.„Самоилова“ во Скопје, во моментот кога полициски службеник со специјално возило преземал мерки за отстранување на погрешно паркирани возила, едно непознато лице почнало да го влече вработениот во Пајак службата, а се обидело и да го удри. Потоа, лицето влегло во патничко возило „Мерцедес“, го стартувало возилото и удрило во полицискиот службеник(се здобил со телесни повреди), по што го запрело возилото, излегло и почнало да бега. Полицискиот службеник успеал да го фати и лиши од слобода. Во тој момент друго непознато лице го стартувало возилото и побегнало во непознат правец. Утврден бил идентитетот на лицето, се работи за Б. Х. (29) од Република Турција со привремен престој во с.Велебрдо- Ростуше.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.