Републичкото собрание, кое е распуштено од средината на февруар, спровело тендерска постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за превентивно одржување на системот за е-парламент.
Според Бирото за јавни набавки, парламентот ја повикал на преговори компанијата „Некстсенс“, со која склучил договор во износ од околу 3 и пол милиони денари, односно нецели 60.000 евра.
Во образложението се наведува дека се спроведува постапка со преговори без претходно објавување на оглас поради авторски права, за што е обезбедено позитивно мислење од БЈН.
Во договорот меѓу двете страни, пак, стои дека компанијата има обврска во наредните 24 месеци квалитативно и навремено да го одржува апликативното решение и базите на податоци во информатичкиот систем, за да се обезеди нивно непречено функционирање.
Инаку, парламентот и компанијата во изминатиов период склучиле уште неколку договори за оваа намена во постапка со преговори поради авторски права, со тоа што досега договорите биле на период од една година, а сега се склучува договор со времетраење од 2 години.
Според информации од собранието, во 2008 година бил склучен договор со „Некстсенс“ за набавка на софтвер во вредност од 12 милиони денари без ДДВ, по што секоја година се склучува договор за одржување на системот со истата компанија бидејќи го поседува авторското право на софтверот.
-Врз основа на склучениот договор беше инсталиран и изработен посебен софтвер кој претставува систем за управување со законодавните процеси во Собранието на Република Северна Македонија. Со овој апликативен софтвер целосно се автоматизираат сите процеси поврзани со законодавната постапка почнувајќи од пристигнувањето на материјалите во форма на предлог закони или други докумети, па се до објавување на истите во Службен весник на Република Северна Македонија – ни изјавија од парламентот.
Од таму додаваат дека софтверот ги покрива најбитните делови од секојдневната работа на Собранието, па, како што истакнуваат, од особена важност е истиот да функционира во континуитет и непрекинато.
Влатко Стојановски