„Се изнаслушавме на се и сешто, откако лани во август познатиот фолк пејач П.Н. се обиде да подметне пожар во студиото на ИН ТВ во Охрид, додека внатре бев јас заедно со уште двајца вработени. Наводно, сме му должеле пари, па ни доаѓал на гости и ни носел подароци, демек се шегувал и што ли уште не. Но она што е вистина и што е застрашувачки, е дека тој си шета слободно и јас и моето семејство чувствуваме дека безбедноста ни е загрозена – за ,,Фокус’’ раскажува продуцентот Ване Петкоски, околу настаните со фолкерот кои ја заинтригираа целата јавност.
Вели дека добро било тоа што судскиот процес започнал, а вчера било закажано, па откажано рочиште за случајот.
-Рочиштето вчера беше откажано бидејќи јас како сведок не добив покана. Наводно, по грешка. Адвокатот на П.Н. побарал да биде одложено за во мај, бидејќи одбраната не била спремна, но верувам дека тие се информирани дека јас во мај поради работни обврски патувам во Австралија, и нема да можам да присуствувам. Значи, и во мај нема да се одржи. Сепак, ме радува фактот што судскиот процес започна – тврди Петкоски.
Тој додава дека се надева дека вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вели дека кога се случил немилиот настан, целото семејство му било доста вознемирено. Неговите деца, на возраст од 12 и 13 години биле преплашени, па често го прашувале – Тато, а што ако тој ни дојде дома и не запали додека спиеме?
-Човекот има забрана да минува пред продукцијата, но за жал имаме сведоци кои го имаат забележано дека не ја почитува. Тврдам дека нелегално поседува и пиштол и тоа го изјавив и во полиција. Целата ситуација е доста сериозна, фамилијата ми е преплашена. После се што се случи, очекував барем извинување од него, но тој продолжува да шири невистини за целиот случај – ни изјави продуцентот.
Како мало потсетување, настанот за кој што се товари пејачот се случил лани, на 27 – ми август, во вечерните часови. Пејачот ставил вреќа полна со пластични шишиња и чаши пред вратата на студиото, кое се наоѓа на приземје, со решетки на сите прозорци, а е сместено во индустриската зона во Охрид.
Вратата пред која ја оставил вреќата, и потоа ја запалил, била од ПВЦ материјал, лесно запалива. Трагедијата била спречена случајно, кога еден од вработените излегол надвор, да запали цигара. Во паника ги викнал колегите, кои првин се обиделе со нозе, а потоа со вода успеале да го изгаснат оганот кој штотуку започнал да се шири. Веднаш потоа повикале полиција, по што ги прегледале безбедносните камери и го заблежале пејачот, кој во минатото бил нивни соработник, како го подметнува пожарот.
Тогаш од СВР Охрид ни го потврдија настанот. Ни изјавија дека се работи за делото предизвикување на општа опасност, и дека се работи на случајот. И обвинетиот фолкер тогаш излезе во јавност и за ,,Фокус’’ изјави дека е невин, и дека кај на вработените во студиото само одел на гости.
Вики Клинчарова