Два успорувачи на брзина, односно легнати полицајци ќе бидат поставени на улицата, во близина на Основното училиште ,,Васил Главинов” во Велес, каде во саботата навечер пијан возач ја усмрти 11-годишната Магдалена, а нејзината мајка беше тешко повредена. Станува збор за улица во близина на основно училиште, каде и покрај реакциите на граѓаните дека се возело доста брзо, немало ниту еден легнат полицаец.
Како што појаснија од СВР Велес за ,,Фокус”, спорната улица имала повеќе одбележани пешачки премини. Покрај тоа, во план била и изградба на крстосница, но овој проект би се реализирал евентуално наредната година. Случајот со Магдалена ја потресе целата јавност и ги актуелизираше дискусиите околу задолжително поставување на легнати полицајци, не само во близина на училиштата, туку и на секоја улица низ градовите, каде се вози брзо.
Граѓани кои живеат во близина раскажуваат дека со години наназад укажувале дека таму се вози многу бргу, но ништо не било преземено. Според студија изработена од NSW- Центарот за безбедност на патиштата, доколку возило удри во пешак со брзина од 30 километри на час, шансите за смртен исход кај пешакот се десет проценти.
Доколку брзината е 40 километри на час, шансите се зголемуваат на 40 проценти, а пак со брзина од 50 километри, достигнуваат дури 90 проценти. Токму поради непочитувањето на сообраќајните правила, кое е секојдневие на патиштата, се погласни се апелите на граѓаните за задолжително поставување на успорувачи на брзини, кои се најефикасен начин да се намали брзината на движење.
Казните очигледно се неефикасни, бидејќи секојдневно во билтенот на МВР се објавуваат податоци за стотици возачи кои биле затекнати среде извршување на прекршок. И покрај редовните најави за засилени сообраќајни контроли на подрачјата на сите општини, дивеењето на коловозот продолжува, а бројот на жртви на патиштата секојдневно расте.
Вики Клинчарова