Откако Маѓар најави ревизите на бизнисите поврзани со Орбан: Ќе останат ли унгарските инвестиции во Македонија или ќе плаќаме само камати?!

by irena 10:33
10:33

По 16 години власт во Унгарија, заминувањето на Виктор Орбан – „добриот пријател“ на Македонија – ги разниша темелите на бизнисите поврзани со неговото влијание. Според унгарските медиуми, Орбан често користел банки, медиуми и компании за градење регионално политичко влијание во Србија, Република Српска и во Македонија. Системот на регионално влијание што го изгради може да ослабне со доаѓањето на Петер Маѓар. Новата унгарска влада, најверојатно, ќе донесе промена во стилот и насоката на присуството на Будимпешта на Западен Балкан, но не и целосно повлекување од регионот. Се очекуваат помалку политички мотивирани инвестиции, а повеќе економски и со ЕУ координирани проекти. Тоа го отвора прашањето дали инвестициите од Будимпешта ќе забават или ќе пресушат, како дел од најавената ревизија на унгарската политика кон Западен Балкан.

 Пишува: Орце КОСТОВ

Заминувањето на Виктор Орбан, „добриот пријател“ на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија по 16 години владеење во Унгарија ги разниша темелите на политичко-бизнис-медиумскиот систем, кој ја хранеше и ја одржуваше доминацијата на лидерот на Фидес.

Новата влада на Петер Маѓар, чија партија Тиса ја победи Фидес и ја заврши долгата Орбанова ера, најави дека ќе ја отвори темата за корупцијата и дека ќе ја врати украдената државна сопственост. Победата на Тиса беше претставена како пресврт, не само во унгарската политика, туку и во односот на земјата кон Европската Унија, владеењето на правото и заробените институции. Маѓар стави акцент и на бизнис-релациите на Орбан со сопственици на компании што инвестираат капитал во Западен Балкан, поточно во Македонија.

Симбол на системот на Орбан беше медиумскиот могул Ѓула Балаши, кој веднаш по најавите на Маѓар за борба против корупцијата ги понуди своите компании и дел од инвестициите на државата: не затоа што имал нешто да скрие или се работело незаконски, туку затоа што, според него, работата што неговите медиуми ја вршеле за државата ѝ припаѓала на јавната сфера.

Но, поразот на Орбан го направи тој систем ранлив. Она што додека Фидес беше на власт изгледаше како стабилен бизнис-модел по изборите почна да изгледа како можен доказен материјал. Замрзнати сметки, истраги, понуди за предавање компании и најави за антикорупциски чистки ја покажуваат првата фаза од расплетот на една власт што долго ја претвораше државата во сопствен комуникациски апарат.

Орбан често користеше банки, медиуми и бизниси за да гради регионално политичко влијание во Србија, Република Српска и во Македонија. Аналитичарите сметаат дека системот на регионално влијание изграден од Орбан може да ослабне со доаѓањето на Маѓар.

Новата влада на Маѓар веќе се обидува да ги обнови односите со Брисел и да ги одмрзне европските фондови за Унгарија.

Тоа значи дека инвестициите ќе бидат повеќе врзани за ЕУ-приоритети со фокус на инфраструктура, зелена енергија, железници и дигитална поврзаност, но наместо да се прават билатерални политички договори со земјите од Западен балкан, повеќе ќе се користат механизми како „Western Balkans Investment Framework“.

Тоа не значи дека унгарскиот капитал целосно ќе исчезне, туку ќе има повеќе економска логика и профитабилност и повеќе внимание на транспарентност и европски правила.

Меѓу редови, ова е најава дека Унгарија нема повеќе да склучува договори за заем на земји што не се членки на ЕУ, како што беше случајот со 1 милијарда евра кредитен заем за Македонија.

Со оглед на пропаѓањето на тендерот за набавка на електрични автобуси, кои првично го доби унгарски „Икарус“, со оглед на планираната ревизија во телекомуникацискиот оператор 4iG, кој влезе во Македонија како трет мобилен оператор и бавното темпо на инвестицијата со гасната централа, се отвора прашањето дали инвестициите од Будимпешта ќе забават или ќе секнат како дел од најавената ревизија на целокупната политика на Унгарија кон Западен Балкан.

Владата на Петер Маѓар, веројатно, ќе донесе промена во стилот и насоката на унгарското присуство во Западен Балкан, но нема целосно да се повлече од регионот. Сепак, за разлика од стилот на Орбан, планирани се помалку политички мотивирани инвестиции и повеќе економски и ЕУ-координирани проекти.

„ЉУБОВТА“ СО ОРБАН ДОНЕСЕ 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА

Виктор Орбан имаше одлична комуникација со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот Александар Николоски во последните две години откако седнаа во владините фотелји.

Будимпешта е и релацијата на која најмногу летал владиниот авион, дури седумпати откако Мицкоски ја предводи владата, објави неодамна ТВ Телма.

Министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски го користел авионот 11 пати, од кои шестпати летал за Будимпешта. Премиерот Мицкоски, владиниот авион го користел трипати, а еднаш бил до Будимпешта.

Од комуникацијата во последните две години, откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи владата, произлегоа одлични зделки, пред сè за Унгарија.

Банки, телеком-оператори, инвестициски фондови, енергетски компаниии… Сите компании, без разлика дали биле државни или приватни, кои, според пишувањата на критичките унгарски медиуми, се водени од луѓе блиски до Орбан, инвестираа или треба да инвестираат во пари, телекомуникации, енергија и во транспорт.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се задолжи 1 милијарда евра кај унгарската Експорт-импорт банка со специјален меѓувладин договор. Половина од тие пари беа наменети да се врати еврообврзницата што ја зеде претходната влада на СДСМ и на ДУИ, додека другата половина беше распределена по општините и кај компаниите.

Двесте и педесет милиони евра преку проекти добија општините, најчесто за атмосферска канализација, за асфалтирање улици и за по некоја градинка и училиште, додека други 250 завршија како евтин кредит за финансирање нови производствени објекти и административни згради на компаниите што имаа потреба од овие пари.

Парите од кредитот се обезбедија со камата од 3,25 отсто, со рок на отплата 15 години и 3 години грејс-период. Фирмите, пак, добија уште подобри услови од оние што ќе ги плаќаат граѓаните преку централниот буџет.

Минималниот износ за аплицирање по компанија е десет милиони евра,  рокот на отплата е до 15 години, со вклучен грејс-период од 3 години, а фиксната каматна стапка од 1,95 отсто е значително пониска од пазарната каматна стапка во земјата, која изнесува околу 4,7 отсто. Разликата од 1,95 отсто до 3,25 отсто, како и обично, ќе ја платат граѓаните.

Но, освен една, останатите фирми што аплицирале, не се познати, ниту, пак, додадената вредност што ја создале преку инвестирањето со парите од кредитот. Инаку, терминот „додадена вредност“ е омилена фраза на премиерот Мицкоски.

МАЃАР ЈА ИСПИТУВА И „4ИГ“, КОЈА РАБОТИ И ВО СКОПЈЕ

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), на почетокот на јануари 2026 година донесе одлука дека „Оне Македонија телекомуникации“, фирма-ќерка на унгарски „4iG“, е најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во државава.

Унгарскиот оператор, во меѓувреме, плати нешто над 8 милиони евра еднократен надомест за трите фреквенциски опсези и доби одобрение за работа и најави инвестиција од над 100 милиони евра во Македонија.

Првиот критериум што ќе треба да го исполни новиот оператор е до крајот на март 2027 година, еден град да покрие со 5Г, а до крајот на 2030 година, сите градови во државава. До крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Од АЕК сметаат дека влезот на третиот мобилен оператор во државава ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна кон крајот на декември 2024 година со најавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, дека фирма од Унгарија доставила писмо со намери за влез на пазарот со цел да го разбие дуополот на двата мобилни оператора во земјата.

Пал Заранди, претседател на одборот директори на Оне Македонија и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата, ја нагласи пошироката визија зад влезот на компанијата на овој пазар:

За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот Западен Балкан, регион кој е клучен за нашиот долгорочен раст. Северна Македонија игра важна улога во нашите пошироки амбиции за дигитална инфраструктура. Македонија ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци. Нашите проширувачки одбранбени и сателитски капацитети наоѓаат силна основа тука, а со градење робусно, безбедно телекомуникациско присуство, поставуваме темели за поширока соработка во критичните технологии“, изјави Заранди при добивањето на дозволата од АЕК.

Во Унгарија е во тек голема дебата што ќе се случува со компанијата „4iG“, посебно откако се обелодени информацијата дека тамошното Министерство за одбрана склучило рамковен договор во вредност од 3,6 милијарди евра со компанијата „4iG“.

Магазинот „ХВГ“ објави дека договорот е потпишан кон средината на март, еден месец пред изборите, од страна на првиот човек на компанијата, Гелерт Јасаи, и Министерството под контрола на тогашниот министер за одбрана, Кристоф Салај-Бобровнички.

Во Будимпешта, неколку средби со Бобровнички имаше и нашиот вицепремиер и министер за транспорт, Николоски. Никогаш не стана јасно за што разговараа еден министер за транспорт и врски и министер за одбрана.

Според информациите, рамковниот договор наследен од владата на Петер Маѓар важи девет години, до 2035 година, и тој ќе биде предмет на сериозна ревизија, како и работењето на компанијата.

Како ова ќе се одрази на македонските планови за „4iG“ за трет мобилен оператор е многу нејасно, иако подружницата на унгарскиот гигант е во напредна фаза на инвестирање во мрежата во Македонија.

СОРАБОТНИК  НА ОРБАН ЌЕ ГРАДИ ГАСНА ЦЕНТРАЛА

 „Фокус“ претходно, во обемна анализа за енергетските иницијативи одобрени за 2026 година, објави дека соработник на Орбан ќе гради гасна централа. На почетокот на мај е регистрирана фирмата „Статус Енерџи Скопје“, која треба да изгради когенеративна гасна централа за производство на електрична енергија во Македонија, со моќност од 495 мегавати вредна 445.500.000 евра.

„Фокус“ испрати прашања до „Статус Енерџи Скопје“ за да достави информација во кој регион се планира изградбата на централата, но не доби одговор. Сепак, според енергетскиот план на Министерството за енергетика стои дека централата ќе се гради во вардарскиот регион.

За споредба, ќе биде многу поголема од таа на ТЕ-ТО, сопственикот на единствената поголема гасна централа во Скопје, која произведува струја и топлина од руски гас.

Оваа фирма е ќерка на унгарската компанија со исто име „Status Energy KFT“. Оваа фирма е унгарска компанија, која се занимава со производство на енергија од необновливи извори, регистрирана во Будимпешта, како инвестициско друштво во енергетскиот сектор и дел од структурата на „Status Energy Private Equity Fund“.

Оваа фирма во 2019 година, преку партнерство со швајцарската „MET Group“, влезе во сопственичката структура на „TIGÁZ Zrt“, најголемиот дистрибутер на природен гас во Унгарија, стекнувајќи се со 49,6 проценти удел. Во 2021 година, MET се повлече од проектот „TIGAZ Zrt“, а сопственоста премина на унгарската група „OPUS Global“, компанија контролирана од Лоринц Месарош, еден од најбогатите луѓе во Унгарија, бизнисмен близок до експремиерот Виктор Орбан.

Извршен директор на Status Energy е д-р Габриела Гомбаи, која е близок соработник на Месарош. Истовремено, партнерството со MET Group ја поврзува Status Energy со унгарскиот бизнисмен Бенјамин Лакатош, основач и сопственик на MET Group, кој важи за еден од клучните приватни играчи во унгарскиот гасен сектор, а од неодамна присутен и на Балканот со учество на пазарите во Албанија и во Македонија.

Подружницата на MET Group, МЕТ Енерџи ДООЕЛ Скопје од минатиот ноември е нов учесник на македонката берза на електрична енергија, МЕМО. Оваа фирма од 12 мај 2025 година поседува лиценца за трговија со природен гас издадена од РКЕ.

Во последната деценија MET Holding стана еден од најголемите играчи на пазарот на гас во Централна и во Источна Европа. МЕТ е основана во 2007 година од унгарската државна корпорација за гас „МОЛ“. Тогаш во медиумите се појавија обвинувања дека унгарскиот премиер во заминување, Орбан стои лично зад развојот на МЕТ, користејќи раководни лица за пренос на целиот бизнис со гас од државната МОЛ на новата приватна компанија, која во меѓувреме презеде удел. Во 2013 година е основана МЕТ Холдинг во Швајцарија, која е во стопроцентна сопственост на унгарскиот МЕТ.

ПРОПАДНА ТЕНДЕРОТ НА „ИКАРУС“

На почетокот на 2026 година, владата објави дека обезбедила кредит преку меѓувладиниот договор со Унгарија, кој ќе се потроши за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и за другите градови.

Условите на кредитот се годишна каматна стапка од 3,25 отсто, грејс-период од 3 години и рок на отплата од 12 години.

Два месеца подоцна, Министерството за транспорт и врски распиша тендер на кој се јавија неколку фирми, но очекувано или неочекувано, изборот падна на унгарски „Икарус“. Веста за изборот на фирма што ќе ги испорача електричните автобуси стигна една недела по падот на Орбан од власта во Унгарија.

Понудата на унгарската компанија „Електробус- Икарус” и на австриската „ЕВН“ беше избрана за најповолен понудувач на јавниот повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење на електричните автобуси.

Тие понудиле најниска цена од 19.350.000 денари, или околу 314 илјади евра по автобус, што е конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси.

Но, две недели по изборот на фирмата, Министерството за транспорт го поништи тендерот по одлука на Државната комисија по жалби за јавни набавки. Од Министерството за транспорт соопштија дека постапката ќе биде повторно објавена во најкус можен рок, во согласност со законските процедури. Според објавените информации, на претходниот повик имало повеќе понуди, но постапката не заврши со договор за набавка.

Откако пропадна последната постапка за набавка на 150 електрични автобуси, Град Скопје соопшти дека во рок од една недела ќе се распише тендер за набавка на нови автобуси за јавниот превоз на кој „Икарус“ ќе има повторно можност да конкурира со своја понуда.

Текстот е објавен на 28 мај  2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.599

Слични вести