Откако ги скратија парите за чистиот воздух: Пратеници со интерпартиска група ќе се борат против загадувањето

by Fokus

Во Собранието е формирна интерпартиска парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени во која ќе учествуваат сите политички партии.

„Во Собранието формиравме интерпартиска парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.

На овој начин политичките партии заедно со невладините организации ќе работиме на дијалог и создавање законска регулатива која ќе воведе одржливи решенија за здрава животна средина.

Сите заедно без разлика на партиската припадност ќе дадеме придонес во градење на здрава, чиста и одржлива животна средина, која ги засега и е од интерес на сите граѓани на Македонија“, напиша поранешниот премиер и пратеник на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Ова доаѓа ден по изгласувањето на Буџетот за 2025 година во кој повторно, ниту власта, ниту опозицијата не сакаа да ги земат во предвид конкретните предлози и амандмани на невладините експерти од областа на екологијата.

Наместо сериозни мерки, повторно се скрати на буџетите од програмите за загадувањето и не се прифати ниту една мерка на невладините организации.

103 милиони евра се планирани за заштита на животната средина и, иако се рекордно испланирана сума досега, сепак се малку во однос на оние 200 милиони евра што државата ги собира како даноци за животната средина.

Над 90 проценти од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи.

Најголем дел од средствата за животна средина одат за комунална инфраструктура, изградба на водовод и канализација, нешто што општините го реализираат преку Министерството за транспорт и врски, а сега и со помош на кредитот од Унгарија.

Граѓанската организација „О2 Иницијатива“ ги мапираше недостатоците на предлог-буџетот во однос на тоа за што нема да се издвојат средства.

„Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи и на домаќинствата, а иако министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека 10 болници следната година ќе го променат начинот на греење, а средства за оваа намена нема.

Нема ниту доволно средства за купување мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг-станиците за квалитет на воздух. Во моментов, 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се следи аерозагадувањето, да се преземат мерки при негово надминување и да се извршат потребните анализи.

Нема средства во буџетот за балансирање на системот со електрична енергија, ниту, пак, средства за најавените когенеративни централи на гас. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони.

Не се издвоени средства ниту за расчистување на загадената почва и подземните води од жешките еколошки точки“, објавија од здружението.

„02 Иницијатива“ поднесе предлози за амандмани, кои се слични на оние што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција за предлогот на буџетот за 2024, но сега владејачката партија не ги прифати амандманите.

Орце Костов 

 

Поврзани новости