Откако ги одби шесте илјади евра од Министерство за култура, Општина Штип обезбеди сто илјади евра за „Макфест”!

by fokus

Општина Штип се подготвува за 37-то издание на реномираниот фестивал на забавна музика ,,Макфест” кој ќе се одржи на 21-ви и 22-ри октомври во градот.

Годинава се најавени голем број на новитети, со цел манифестацијата да го врати стариот сјај по кој беше препознатлива во регионот.

Уште во февруари годинава штипскиот градоначалник Иван Јорданов изјави дека од Министерството за култура биле одобрени 399.999 денари за фестивалот, односно околу шест илјади евра, сума која според него била срамна, и општината се откажа од тие средства.

-Ќе ги вратиме тие понижувачки средства, а ,,Макфест” целосно ќе биде финансиран од Општина Штип. ,,Макфест” ќе го добие посакуваниот сјај, ќе биде во тек со современите технички достигнувања, а целиот град ќе пулсира во духот на нематеријалното културно наследство – изјави тогаш градоначалникот.

Сега, во пресрет на фестивалот, општината обезбедила 4,5 милиони денари за настанот, и околу 1,5 милиони денари од спонзори, односно околу сто илјади евра.

Годинава нема да има награди како во минатото, но затоа пак зголемен износот на финансиски средства кои општината досега ги давала за откуп на композицијата.

Биле предвидени 61.500 денари за композиција, а во минатото сумата била околу 40 илјади денари. Целта на оваа промена била да се добие подобар квалитет на музичките композиции.

„Макфест” ќе и понуди 24 композиции на публиката, а најавени се познати музички имиња – Ален Исламовиќ, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Лара Иванова и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости