Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири пред малку на Фејсбук поднесе оставка, откако утринава одекна веста дека е отворена истрага против него и против двајца хрватски државјани, за наводна проневера на 145.000 евра.
Поточно истрагата е отворена поради сомнеж за незаконски договор за консултантски услуги. Во оставката тој тврди дека е невин, и им стои на располагање на институциите со цел да ја докаже невиноста. Зекири, познат во јавноста најпрвин како главен и одговорен уредник во Алсат-М телевизија, а потоа пратеник и потпретседател на СДСМ, освен по професионалните случувања, често беше актуелен и по приватните настани во неговиот живот, за кој интересот на јавноста беше голем.
Имено, во октомври 2019 година, тој се ожени за Бисера Јордановска, поранешна директорка во Алсат-М, а нивната врска беше ставена под лупа на љубопитниот народ, најмногу поради тоа што ова беше втор брак и за двајцата, но и поради тоа што станува збор за врска помеѓу православна жена и муслиман, па неискоренетите предрасуди си го направија своето и парот беше актуелна тема.
Една недела по свадбата која се одржа во хотелот „Double Tree by Hilton“, а на која им кумуваше тогашниот премиер Зоран Заев со сопругата Зорица, во интервју за ,,Фокус” Мухамед и Бисера открија низ што се поминале поради нивната љубов, горди што на крај се избориле со сите пречки, и радосни што во тој период го очекуваа нивното прво заедничко дете. (Од првиот брак Мухамед има две ќерки, а Бисера еден син.)
-Љубовта не знае за пречки, а најубав доказ за тоа сме ние. Но, луѓето знаат! Нашата зрелост, успешност или карактер немаат врска со она што може да ти се попречи на патот. Некогаш блиските, убедени во своите најдобри намери, се немоќни да сфатат дека тоа што за нив е исправно, не мора да биде за друг, макар било тоа син или ќерка, брат или сестра, татко итн… па, создаваат ситуации кои мора да се менаџираат во интерес на доброто на сите. Ние двајцата сме многу свесни луѓе и секогаш мошне толерантни и трпеливи за сè што се случува околу нас бидејќи си знаеме дека нашата приказна не е за ден или два, па оставивме доволно време да покажеме дека она што на луѓето им се чини невозможно, може да е невозможно за нив, но не е и за нас! На крајот на краиштата, бракот е заедница на двајца и ако тие си се прифатиле такви какви што се, мислењето на другите е ирелевантно- раскажаа тие.
За кумството со Заеви, појаснија дека таа релација постоела многу подолго, далеку од очите на јавноста, кога уште една година пред свадбата во верска церемонија, во присуство само на верско лице и сведоците Зоран и Зорица, како и Енко и Едина Колашинац, си дале завет пред Бога за нивната љубов.
-Тоа што сега тие ни го посведочија и граѓански склучениот брак е само логичен след на околностите на нешто што почна и е наша лична приказна што и натаму ќе си ја негуваме надвор од моменталниот статус на засегнатите личности. Зоран, како и останатите споменати, од почеток, веруваа и во нашата врска и во искрената посветеност еден на друг- изјави парот.
По четири месеци ја добија Далиа Нани и тогаш Мухамед објави дека се благодарни на Господ што ги израдувал со ќеркичката. Само три месеци по раѓањето на ќеркичката, тој, сопругата и бебето се инфицираа со корона вирус и целото семејство беше хоспитализирано. По надминувањето на сите препреки со кои на приватно поле се бореше, кога веќе се доби впечаток дека животот му тргнал во мирни води, веста на Обвинителството за отворената истрага против него, за наводна проневера, ја затекна јавноста.
Каде се наоѓа Зекири моментално, и дали ќе му биде одреден притвор, се уште нема информација. Тој не одговори на нашите прашања поврзани со случајот.
Вики Клинчарова