На денешната седница на Советот на јавните обвинители ќе треба да се избере шеф на Вишото обвинителство во Скопје, откако изборот кој беше закажан пред една недела се одложи. Во трка останаа двајца обвинители, односно актуелниот шеф Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Бурим Рустеми, откако во петокот, ненадејно и без образложение, кандидатурата ја повлече обвинителката Фатиме Фетаи.
Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за 21 ноември. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите, но неофицијално сепак се шпекулираше дека членовите не можат да се усогласат, односно имало отстапувања од првичниот план за кого да гласаат.
Веќе подолго време се шпекулира дека на чело на ова обвинителство повторно ќе застане актуелниот шеф, односно
Хајрулахи, кој се очекуваше да добие и втор мандат. Но, по откажаната седница во понеделникот се создаде впечаток дека сепак во игра влегува и обвинителката Фетаи.
Сега по повлекувањето на Фетаи, одново се расчисти патот за Хајрулахи.
Од политичката партија Левица обвинија дека, покрај тоа што на чело на Организиран застанал Ислам Абази, кого го нарекуваат „пион на ДУИ“, исто така и актуелниот шеф на Вишото обвинителство важел за близок на ДУИ.
„Изборот за нов шеф беше одложен, а еден од кандидатите е досегашниот обвинител Мустафа Хајрулахи. Токму Хајрулахи, како шеф на ова обвинителство, го држеше предметот во фиока за првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ повеќе од една година, наместо законски предвидениот рок од месец дена и не го доставуваше до Скопска апелација“, обвинија од Левица.
На истата седница е предвидено да се изгласаат уште неколку шефови на повеќе обвинителства и тоа на Вишото јавно обвинителство Гостивар, како и шефови на обвинителствата во Велес, Битола, Гостивар, Кавадарци и Куманово.
Во конкуренција за Гостивар се Фаик Арслани, кој неодамна си поднесе оставка од Советот на јавните обвинители, каде што беше член, и обвинителките Деса Пауновска и Душица Димитриевска.
Исто така треба да се распише и нов оглас за избор на четири јавни обвинители во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Претходниот избор пропадна, бидејќи не беше избран ниту еден од пријавените шестмина кандидати.
Валентина Вурмо