Уште на средината на минатиот месец октомври, „Фокус“ објави дека спикерот Талат Џафери е меѓу најсериозните кандидати за технички премиер, што беше официјализирано нецел месец подоцна, откако ДУИ денес одлучи тој да ја предводи владата за спроведување на двојните избори следната 2024 година.
Всушност, тогаш објавивме дека во главен фаворит за премиерската функција беше генералниот секретар на ДУИ и поранешен директор на ФЗОМ Фатон Ахмети, но дека во игра може да влезе и Џафери, доколку се процени дека на тој начин би се избегнала ситуација ДУИ да ги контролира 3-те врвни државни функции.
Кандидати за технички премиер: Фатон Ахмети е главен фаворит, во игра може да влезе и Талат Џафери!
„Ако се процени дека претседателските избори може да пропаднат, во комбинација влегува и спикерот Талат Џафери. На тој начин, би се избегнала кампањата за целосна дуизација и албанизација на државата, бидејќи ќе се избере спикер од СДСМ, кој автоматски би станал и привремен претседател“, објави „Фокус“ на 17-ти октомври годинава.
Исто така, тогаш напишавме дека во одредени комбинации за премиерската функција се споменува и името на министерот за финансии Фатмир Бесими, кој беше избран за шеф на републичкиот штаб на ДУИ, меѓутоа воедно наведовме дека ниту тој, ниту било кој претставник на ДУИ во извршната власт не е во конкуренција за премиерската позиција.
Впрочем, изборот на Џафери треба да исклучи евентуално сценарио кадри на ДУИ истовремемено да бидат носители на сите водечки функции, бидејќи ако не се избере претседател тогаш привремен шеф на државата станува првиот човек на собранието. Оттука, ако Џафери останеше спикер, тој ќе станеше и претседател на државата доколку претседателските избори пропаднат.
Инаку, за такво сценарио поголема ќе беше опасноста доколку претседателските избори беа одвоени, бидејќи тоа ќе носеше ризик опозицијата да го бојкотира вториот круг и така да не се фати цензусот од 40 отсто. Меѓутоа, на лидерската средба беше постигнат договор за споени избори, така што на 8-ми мај ќе се одржи втор круг од претседателските заедно со парламентарни избори.
Во таква ситуација, минимални се шансите за неуспешен избор на претседател, бидејќи парламентарните избори носат поголема мобилизација. Но, постои има друга можност. Имено, ако одредени учесници во изборниот процес приговараат на изборните резултати до ДИК и потоа се жалат до Управниот суд, можно е да не се избере нов престедател до денот предвиден за инаугурација – 12 мај.
Неофицијално, СДСМ до моментов нема донесено конечна одлука кој да седне во спикерското столче, меѓутоа нашите извори велат дека најсериозен кандидат е Јован Митрески, кој неколку години ја предводи пратеничката група на СДСМ, а на последните парламентарни избори беше коносител на пратеничка листа во петтата струшко-охридска изборна единица.
Како што е познато, договорот 100 дена пред избори да има премиер Албанец од ДУИ го постигнаа Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев кога ја формираа актуелната влада после изборите во 2020 година, која потоа ја презеде Димитар Ковачевски, бидејќи Заев одлучи да се повлече поради поразот на локалните избори.
Според договорот на последната лидерска средба во Законодавниот дом, пак, парламентарните избори следната година ќе се одржат на 8-ми мај, кога треба да се гласа и во втор круг на претседателски избори, откако првиот ќе се одржи на 24 април. Тоа значи дека техничката влада на чело со Џафери ќе стапи на должност на 28-ми јануари, а изборите ќе се распишат на 28-ми февруари.
Влатко Стојановски