Откако беа изградени 2 километри за 28 милиони евра, почна изведбата на уште 10 км од автопатот кон Блаце со „мали измени“ на проектот!

Во време на претходната влада на СДСМ и ДУИ, беа изградени првите 2 километри од автопатот кон Блаце за 28 милиони евра и беше отпочнат процесот за изградба на преостанатите 10 километри. Меѓутоа, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го сопре процесот и најави преиспитување на проектот. Денес, околу 2 години по политичките промени, беше удрен камен-темелник за изградба на автопатската траса кон Блаце од 10 километри со 4 галерии, 5 тунели, 8 мостови... Во однос на прашањето во кои делови и сегменти има репроектирање, од ЈПДП неодамна ни одговорија: „Мали измени на проектот се направени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје...“.

by vlatko 14:27
14:27

Денеска започнаа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 километри, која, според официјалните најави, треба да биде готова за 4 години и да се спои со веќе изградените 2 километри автопат во близина на граничниот премин Блаце. Притоа, предвидено е на автопатот да има 5 тунели, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови.

Веќе е познато дека проектот ќе го реализира градежната компанија „Гранит“, која впрочем ги изгради и првите километри од автопатот. Што се однесува до финансирањето, тоа е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант-средства за проектантите Hill International и ADT Omega.

Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, кое се јавува како главен носител на проектот, изјави дека денеска се поставува камен-темелник на „најсложениот и најтежок автопат“, кој, како што рече, на мало растојание од 10,5 километри ќе има многубројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен, што, според него, ќе биде предизвик и за проектантите и за изведувачите.

Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со почнувањето на изградбата на автопатот Скопје-Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од приближно 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што не поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и со Србија преку Косово – рече Трајановски.

За потсетување, овој проект долго време беше и се уште е тема за меѓупартиско препукување. Имено, во време на поранешната влада на СДСМ и ДУИ беа изградени првите 2 километри од автопатот и беше отпочнат процесот за изградба на останатите 10 километри. Арно ама, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН одлучи да ја сопре постапката и да го ревидира проектот.

„Мали измени на проектот се направени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје, а кои се однесуваа на техничката спецификација и исполнување на градежните нормативи. Со внесувањето на измените, ја добивме завршната ревизија на проектот“, ни одговорија неодамна од ЈПДП на прашањето во кои делови и сегменти има репроектирање и во која насока се измените?

Така, во јуни годинава беше објавено дека е избран изведувачот, додека денеска, околу 2 години по политичките промени во 2024 година, беше удрен камен-телемник за градежните работи. Откако беше објавено дека дополнителните десетина километри од автопатот ќе ги изведува „Гранит“, министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека станува збор за комплексен проект со проценета вредност од околу 200 милиони евра.

-На него имаме 5 тунели, 2 галерии, 12 мостови или вкупно околу 40-тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е еден голем инженерски потфат, голем градителски потфат, но ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти. Планираме изведувачот да го заврши овој проект во рок од 3 и пол години и за најдоцна 3 и пол години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора – рече Николоски.

Осврнувајќи се на критиките од опозициската ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, тој рече дека причините за таквите реакции се поврзани со очекувањата за бизнис-зделките на ДУИ, притоа посочувајќи: „Очигледно е дека се нашле како погодени, затоа што купуваа ниви на онаа траса која што тие мислеа дека ќе биде траса и мислеа дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви. За жал, тоа нема да се случи, затоа што финалната траса не е баш таа која што ја замислуваа”.

(ФОТО+ВИДЕО) Кога ќе почне изградбата на автопатот кон Блаце и колку ќе чини проектот?

Сепак, ДУИ постојано ги отфрла ваквите тврдења, па дури и упатува контраобвинувања во врска со овој проект. Во таа насока, потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, кој вели дека бил координатор на проектот за изградба на автопат до Блаце, тврдеше дека актуелната Влада 2 години барала фирма што ќе каже дека овој пат не може да биде автопат туку само регионален пат. Но, како што нагласува, тоа се покажало неуспешно.

Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Буквално, министерот за транспорт овие 2 години се трудеше да најде фирма што ќе даде мислење дека автопатското решение не е добро. Кога видоа дека не поминува, бидејќи ние направивме еден трик, ако можам така да кажам – изградивме само 2 километра. Луѓето ми се смееја како координатор што ќе ти се 2 километра. Јас им велев – не се тие 2 километра да поврзат една точка со друга, туку да го прават автопатот иреверзибилен. Затоа што ги знаев тенденциите дека нема волја, дека има отпор да се гради – рече Османи на „360 Степени“.

Изградбата на првите 2 километри од автопатот кон Блаце кои не водат никаде биле „трик“ – чии ниви избегнала финалната траса!?

Инаку, „Фокус“ своевремено ја истражуваше изградбата на првите 2 километри од автопатската делница кон Блаце, за која, ЈПДП во време на претходната власт склучи 2 договори со „Гранит“ во вкупна вредност од 28 милиони евра. Она што даваше специфичен контекст на цела ситуација, според документацијата што ја обезбедивме, беше фактот што непосредно пред „Гранит“ да го добие вториот милионски тендер за 2-километарската автопатска траса, компанијата го продала хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на приватна фирма, која во тој момент имаше еден вработен и работеше со загуби.

„Гранит“ го продаде хотелот на Шапка на човек-фирма, па доби нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

Како што објавивме, станува збор за друштвото „Еуро Ком Лигхтинг“, кое подоцна се доведе во директна корелација со тогашниот вицепремиер Артан Груби (обвинет во предметот за „Државна лотарија“), бидејќи се испостави дека опожареното „ауди А6“ што го управувал Груби било во формална сопственост на газдата на компанијата-купувач на хотелот на Попова Шапка – Беким Лимани. Меѓутоа, последните информации до кои дојдовме покажуваат дека оваа компанија го продала овој недвижниот имот на Шапка, чиј нов сопственик моментално е „Хотел Скардус“.

Газдата на опожареното „ауди“ што го користеше Груби, го продал некогашниот хотел на „Гранит“ на Шапка!

Во меѓувреме, додека се чека изградбата или доградбата на автопатот кон Блаце, граѓаните кои од Косово влегуваат во Македонија, или, пак, оние што патуваат во обратен правец – од Скопје кон Приштина, се уште се движат по постојниот пат, каде периодов се прави дополнителен застој поради градежните работи што се одвиваат кај клучката Момин поток, каде еден правец е затворен па сообраќајот се пренасочува токму низ влезот на трасата каде всушност треба да започнува новиот автопат.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести