Сите судски трошоци, за седум години судење, за случајот ,,Талир 2″ ќе треба да ги плати државата, бидејќи Апелација ја потврди ослободителната пресуда за екс премиерот Никола Груевски.
Ова значи дека од државниот буџет ќе се платат и адвокатите на Груевски и на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Првото судско рочиште за овој случај се оддржа во август 2019 година, а правосилната пресуда е изречена седум години подоцна. Обвинението се однесуваше на незаконска изградба на партиското седиште, познато како ,,Белата палата”.
По првата осудителна пресуда, Апелација го врати случајот од почеток, па потоа Кривичниот суд изрече втора пресуда која беше ослободителна, а сега истата ја потврди и второстепениот суд.
-При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати, информираат од Апелација.
КАКО СЕ СВРТЕЛА ПАРИЧКАТА „ТАЛИР“?
Но, да се вратиме на почетокот, односно за тоа како се роди случајот „Талир 2“. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, за време на своето владеење, уште во 2009 година го купува државното земјиште во срцето на Центар (Мал ринг) за 110 евра квадратен метар. Потоа во 2012-2013 година склучува договор за соинвеститорство со ДГ „Бетон“ за изградба на хотел и седиште на партијата.
Во меѓувреме, неколкупати се менува ДУП-от, па површината на објектот е енормно зголемена и предвидена е 100 отсто изграденост на земјиштето.
Со првичниот проект, на ВМРО-ДПМНЕ требало да ѝ припаднат 43 процентни од изградената површина. Но, кога во 2013 го потпишале договорот со „Бетон“ – наместо 43 проценти, ВМРО-ДПМНЕ добила околу 37 отсто од целиот објект.
Партијата и „Бетон“ се договараат разликата меѓу тие 43 и 37 проценти, градежната компанија да ги надомести со пари, односно над 2 милиони евра од компанијата легнувале на партиската сметка на рати. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ купувала недвижнини низ цела Македонија.
По четири години од тогаш, Кривичниот суд утврди дека седиштето на партијата е изградено со коруптивен договор меѓу партијата и градежната компанија, исклучиво со пари од фирмата, без партијата да вложи денар.
Оваа пресуда беше донесена во 2022 година од судијката Даниела Алексовска-Стојановска.
По изрекувањето, одлуката во јавноста одекна како конечна победа на правдата, односно дека незаконскиот луксуз на партијата конечно ќе му припадне на народот. Покрај конфискацијата, на Груевски му беше досудена 6-годишна затворска казна, а на Божиновски условна казна.
Тие беа прогласени за виновни затоа што незаконски, со злоупотреба на положбата, за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот, кој исто така е замрзнат.
– Со самата судска разрешница на овој предмет, Судот испраќа порака до јавноста дека во оваа демократска држава сите се еднакви пред законот, дека никој не е привилегиран и секој ќе одговара за последиците што ги предизвикал со прекршување на законот, изјави во судницата, Алексовска-Стојановска.
Сега ситуацијата е сосема поинаква. Со пресудата на Апелација обвинетите добиваат статус на жртви.
Валентина Вурмо