И по изборот на изведувач кој треба да ги догради преостанатите 10,5 километри автопат од Скопје до Блаце, продолжија препукувањата меѓу власта и опозиција започнати веднаш по политичките промени во 2024 година, кога новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН одлучи да го преиспита проектот наследен од времето на владеење на СДСМ и ДУИ.
Имено, откако беше објавено дека дополнителните десетина километри од автопатот ќе ги изведува конзорциум предводен од домашната компанија „Гранит“, која всушност ги изгради и првите 2 километри, министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека станува збор за комплексен проект со проценета вредност од околу 200 милиони евра, чија реализација ќе започне летово.
–На него имаме 5 тунели, 2 галерии, 12 мостови или вкупно околу 40-тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е еден голем инженерски потфат, голем градителски потфат, но ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти. Планираме изведувачот да го заврши овој проект во рок од 3 и пол години и за најдоцна 3 и пол години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора – рече Николоски.
Осврнувајќи се на критиките од ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, тој рече дека причините за таквите реакции се поврзани со очекувањата за бизнис-зделките на ДУИ, притоа посочувајќи: „Очигледно е дека се нашле како погодени, затоа што купуваа ниви на онаа траса која што тие мислеа дека ќе биде траса и мислеа дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви. За жал, тоа нема да се случи, затоа што финалната траса не е баш таа која што ја замислуваа”.
За потсетување, министерот Николоски долго време обвинува дека луѓе блиски до ДУИ сакале да профитираат од експропријацијата, а во една прилика во Собрание спомена неколку фирми кои, според него, купувале земјиште токму на места каде била проектирана автопатската траса кон Блаце. Воедно, истите обвинувања ги испорачуваа(т) и од ВЛЕН, од каде денеска соопштија: „Трасата не поминува таму каде што со години се правеле пресметки и се купувале земјишта со надеж за милионски профити од експропријација…“.
Сепак, ДУИ постојано ги отфрла ваквите тврдења, па дури и упатува контраобвинувања во врска со овој проект. Во таа насока, потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, кој вели дека бил координатор на проектот за изградба на автопат до Блаце, тврди дека актуелната Влада 2 години барала фирма што ќе каже дека овој пат не може да биде автопат туку само регионален пат. Но, како што нагласува, тоа се покажало неуспешно.
– Буквално, министерот за транспорт овие 2 години се трудеше да најде фирма што ќе даде мислење дека автопатското решение не е добро. Кога видоа дека не поминува, бидејќи ние направивме еден трик, ако можам така да кажам – изградивме само 2 километра. Луѓето ми се смееја како координатор што ќе ти се 2 километра. Јас им велев – не се тие 2 километра да поврзат една точка со друга, туку да го прават автопатот иреверзибилен. Затоа што ги знаев тенденциите дека нема волја, дека има отпор да се гради – рече Османи вчера на „360 Степени“.
Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Инаку, „Фокус“ своевремено ја истражуваше изградбата на првите 2 километри од автопатската делница кон Блаце, за која, ЈП за државни патишта во време на претходната власт на СДСМ и ДУИ, склучи 2 договори со градежната компанија „Гранит“ во вкупна вредност од 28 милиони евра, што значи дека еден километар чинел 14 милиони евра.
Она што даваше специфичен контекст на цела ситуација, според документацијата што ја обезбедивме и податоците до кои дојдовме, беше фактот што непосредно пред „Гранит“ да го добие вториот милионски тендер за 2-километарската автопатска траса, компанијата го продала хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на приватна фирма, која во тој момент имаше еден вработен и работеше со загуби.
Како што објавивме, станува збор за друштвото „Еуро Ком Лигхтинг“, кое подоцна се доведе во директна корелација со тогашниот вицепремиер Артан Груби (моментално е во домашен притвор поради предметот за „Државна лотарија“), бидејќи се испостави дека опожареното „ауди А6“ што го управувал Груби било во формална сопственост на газдата на компанијата-купувач на хотелот на Попова Шапка – Беким Лимани.
Како што е познато, по политичките промени новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го прекине проектот за изградба на останатите 10 километри од автопатската траса кон Блаце, со објаснување дека трасата е лоша, па дури и со обвинувања дека намерно се одбрала тешка траса низ планински дел со цел максимално да се напумпа цената на чинење на проектот.
Патем, актуелната Влада најави дека автопатот ќе се гради според ревидиран објект, со цел, меѓу другото, и да се заштедат средства. Во однос на тоа, од ЈПДП неодамна не информираа дека во рамки на ревизијата на проектот се направени „мали измени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје“. Сепак, не ни открија за какви точно измени се работи.
„Мали измени се направени според забелешките доставени од Градежниот факултет во Скопје, а кои се однесуваа на техничката спецификација и исполнување на градежните нормативи. Со внесувањето на измените, ја добивме завршната ревизија на проектот“, ни одговорија од ЈПДП, додавајќи дека времетраењето на изградба на автопатот се очекува да биде 48 месеци, откако на изведувачот ќе му се даде право на пристап до земјиштето и започнување на градежните работи.
(ФОТО+ВИДЕО) Кога ќе почне изградбата на автопатот кон Блаце и колку ќе чини проектот?
Влатко СТОЈАНОВСКИ